35 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО НА БИСИ Од први увозници на Adidas во Македонија, преку угостителство, градежништво и хотелиерство до енергетика
Историјатот на компанијата на семејството Георгиевски, кое е основач на БИСИ е доказ дека кога се има храброст, љубов и план, бизнисот може успешно да се развива во повеќе сектори.
Македонија има свои херои во бизнисот и во економијата. Јубилеите се повод да се зборува за проектите и постигнувањата на успешните бизнис приказни во нашата земја.
Една таква приказна е БИСИ, која за денешните генерации е докажан бренд во градежништвото, а повозрасните генерации сигурно се сеќаваат на малопродажниот ланец на продавници БИСИ за обувки и спортска опрема. Историјатот на компанијата на семејството Георгиевски, кое е основач на БИСИ е доказ дека кога се има храброст, љубов и план, бизнисот може успешно да се развива во повеќе сектори.
БИСИ е основана на крајот на 80-тите години од минатиот век, во време кога во Југославија малкумина се осмелиле да започнат приватен бизнис. Тогашните генерации беа сведоци на отворање на продавници на странски брендови со што се отворија и можности за развој на малопродажни објекти за различни производи. Во септември 1989 година, Славка и Иванчо Георгиевски започнаа сопствен бизнис и БИСИ ја отвори првата продавница за продажба на обувки. Како пионер во малопродажбата во Македонија, каде младите генерации ги купуваа првите Adidas и Nike патики, БИСИ ја започна својата успешна приказна. Во текот на 90-тите години БИСИ го прошири работењето на десетина продавници низ Скопје и стана синоним за спортски обувки.
Во последните 15 години на чело на БИСИ е Ивица Георгиевски кој фирмата ја трансформира и проширува во македонски бренд за изградба и продажба на премиум станбено-деловни објекти со уникатни градби и дизајн како во светските метрополи.
Покрај градежништвото, Ивица Георгиевски ја формира групацијата ИГ која развива неколку угостителски брендови, а своето работење го шири и во секторот на хотелиерство. Од неодамна нов предизвик за групацијата е инвестирање во производство на енергија од обновливи извори.
Со многу труд, посветеност и тим од високостручни професионални кадри може да се постигне највисоко ниво на квалитет во секоја гранка на економијата, а особено кога главната филозофија на работењето е сѐ што се прави да има предзнак „премиум“. На овој начин БИСИ и групацијата ИГ кои бројат преку 200 вработени оставаат сопствен белег во Македонија, со тендеција бизнисот да се прошири и надвор од државата.
Признание за успехот на БИСИ и групацијата ИГ е податокот дека во периодот од 2019 година до денес истите влегуваат во друштвото на 100-те најуспешни во Македонија.
Јубилејот е повод Георгиевски да најави нови проекти во делот на градежништвото, хотелиерството и енергетиката. Во партнерство со деловните банки, БИСИ и групацијата ИГ ќе инвестираат над 50 милиони евра за изградба на премиум станбен комплекс ЕЛИСИУМ во бруто површина од 50.000 м2, изградба на нов луксузен хотел во центарот на Скопје и изградба на четири фотоволтаични централи со вкупен капацитет од 18,5 мегавати.
Ретки се компаниите во нашата земја кои можат да се пофалат со постоење од преку три децении, а 35 годишниот раст и развој на БИСИ е светол и успешен пример достоен за внимание и почит.