34 СУДСКИ ПОСТАПКИ ПРОТИВ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ Го тужат компании, вработени, сопственици на имоти

Во ревизијата е утврдено дека голем број проекти кои се реализирани како општински и функционираат со години уште не се предадени на општините, а за свлечишта на патиштата нема евиденција иако се потрошени пари од државната каса.

868

Државата го субвенционира железничкиот транспорт без посебен ефект од тоа, но издвојува помалку од законската обврска за железничката инфраструктура, констатира Државниот ревизор во ревизијата за финансиското работење на Министерството во 2022 година.

Во ревизијата е утврдено дека голем број проекти кои се реализирани како општински и функционираат со години уште не се предадени на општините, а за проектот Градска куќа и свлечишта на патиштата нема евиденција иако се потрошени пари од државната каса.






Против Министерството за транспорт и врски се водат 34 судски постапки, за долг, поништување односно раскинување на договор, надомест на штета, работни спорови, утврдување на право на сопственост и други основи во кои главниот долг (без камати) е утврден на 403.150.000 денари (6,5 милиони евра). Министерството има и 9 судски спорови во кои тужи за надомест на штета поради поништување односно раскинување на договор, долг и стекнување без основ од кои побарува вкупна вредност од 162.219.000 денари (2,6 милиони евра).

Ревизорите немаат информација до каде се овие спорови во судските лавиринти, но оценуваат дека постои неизвесност од дополнително оптоварување на проценетиот износ со камати и судски трошоци, кај судските спорови во кои Министерството е тужена страна, што може значително да влијае на буџетот во идниот период.

Во извештајот се забележува дека има пропусти и при преносот на електропреносниот оператор МЕПСО во Министерството за транспорт и врски што е услов од Законот за енергетика.

Ревизорите заклучува дека постапката е завршена преку нетрговски пренос на акциите, а целата постапка е спротивна на Законот за организација на работата на државните органи на управата со кој енергетиката му припаѓа на Министерството за економија.

„Со одлуката е извршен нетрговски пренос на акциите со што е извршен упис во Централен депозитар за хартии од вредност, обични акции со номинална вредност од 1.000 денари по акција или вкупен износ од 3.059.393.000 денари (49,7 милиони евра). Со стекнувањето на сопственост на операторот на електро преносниот систем, Министерството за транспорт се јавува во улога на Собрание на акционери согласно член 383 од Законот за трговски друштва“, се наведува во извештајот во кој се додава и дека првпат едно министерство се јавува во улога на сопственик на државно претпријатие.

Ревизорите утврдиле дека предвидените пари од буџетот на Министерството за субвенционирање на јавна услуга за превоз на патници во железницата не се доволни за покривање на трошоците од транспортните услуги, а субвенициите не даваат ефект бидејќи Железници Транспорт прикажува најголеми трошоци. Од Министерството се исплаќаат и по основ за намирување на обврски кон добавувачи и плати за вработени.

„Ревизијата обрнува внимание на неопходност да се направат детални анализи и процена за утврдување на причините за состојбите – зголемување на трошоците во патниот сообраќај и целокупното работење на Железници Транспорт, со цел преземање на соодветни мерки, како и донесување на организациски и финансиски и други одлуки за истите“, се вели во извештајот.

Според ревизорите, државата издвојува помалку пари за финансирање на железничката инфраструктура од законски предвиденото, според кое финансирањето на железничката инфраструктура покрај и од други извори се врши и со средства обезбедени во Буџетот на државата во износ од најмалку 0,3% од планираните даночни приходи во централниот Буџет за тековната година.

„За финансирањето на железничка инфраструктура за 2022 година, од планираните даночни приходи во централниот буџет на државата за тековната година 0,3% или 425.033.000 денари (6,9 милиони евра), исплатени се само 320.000.000 денари (5,2 милиони ера), колку што се предвидени со Годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура“, се наведува во извештајот.

Забелешки има и во делови на финансиското работење и евиденцијата на проекти. Утврдено е дека во финансиските извештаи се евидентирани идејни решенија и физибилити студии за кои не е обезбедена документација, а одделни градежни објекти сè уште се прикажуваат во евиденцијата на Министерството како проекти иако се завршени во минати години, истите се користат и со години се во употреба, бидејќи не е извршено нивно примопредавање на општините.

Овие објекти чиј вкупен износ е 1.623.999.000 денари (26,4 милиони евра), се изградени во периодот од 2010 до 2016 година, главно водоводи и канализации, улици, патишта и автопатишта, проекти и изградба на плажи, физибилити студии и мастерплан за туристички развојни зони Охрид, Преспа и Дојран, проект гасификација, и санација на пристаниште во Охрид. Овие објекти со години се во употреба.

Во финансиските извештаи се евидентирани и идејни решенија за кои Мнистерството нема документација. Таква е состојбата и со планската документација од 2009 и 2010 година, за хотел Градска куќа и Мал ринг во вкупен износ од 603.000 денари и – физибилити студија во вкупен износ од 11.082.000и денари (за изготвување физибилити студија износ од 6.000.000 денари и консултантски услуги извршени во 2015 година за утврдување исплатливост при склучување договор за ЈПП за финансирање, изградба, користење, управување и одржување на ГТЦ во Скопје во износ од 5.082.000 денари).

Во финансиските извештаи се евидентирани свлечишта во вкупен износ од 165.674.000 денари (2,6 милиони евра), за кои нема документација како основ за нивно евидентирање.

„Од страна на пописната комисија нема изготвено пописна листа на свлечишта по локации и во каква состојбата се истите. Во извештајот на пописната комисија само се наведени свлечиштата со вкупна вредност преземена од сметководствената евиденција“, се наведува во извештајот.

Утврдено е и дека во деловните книги не е евидентиран деловен простор и тоа: локали кои се доделени со Одлуки на Влада и за кои не е направена процена на вредност, како и деловен простор за Капетанија Охрид, за кој објект постапката за запишување на правото на сопственост е во тек.

Поврзани содржини