31 ЛИЦЕ ЗАД РЕШЕТКИ ЗА ПОЖАРОТ „ВО ПУЛС“ Судот одреди 30-дневен притвор за градоначалници, ексминистри и инспектори

Во меѓувреме, се спроведуваат дополнителни апсења во Кочани и Општината, а официјални информации за оваа нова група осомничени сѐ уште нема.

3,573

Основниот суд Кочани им одреди 30-дневен притвор на 31 од вкупно 34 осомничени лица опфатени во истрагата за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 беа повредени.

Меѓу приведените се и тројцата градоначалници на Кочани, кои се опфатени во постапката: актуелниот градоначалник во заминување, Љупчо Папазов, како и неговите претходници, Ратко Димитровски и Николчо Илијев. Димитровски е поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека Илијев доаѓа од СДСМ. Папазов, исто така член на ВМРО-ДПМНЕ, беше повикан на информативен разговор ден по трагедијата (16 март), но тогаш беше пуштен без дополнителни мерки. Тој подоцна поднесе неотповиклива оставка од функцијата.






Покрај нив, меѓу притворените се и ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка во истото Министерство, Размена Чекиќ-Дуровиќ, како и раководител во Министерството, Беким Хаџиу. Под истрага се и поранешните директори на Пазарниот инспекторат и Дирекцијата за спасување, Горан Трајковски и Беким Максути.

Во рамките на истрагата, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани гони вкупно 34 лица. Тројца од осомничените се хоспитализирани, а на останатите 31 им е одреден притвор.

Во одделна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против седум високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип и Полициската станица од општа надлежност Кочани, на кои исто така им е одреден 30-дневен притвор.

Во меѓувреме, се спроведуваат дополнителни апсења во Кочани и Општината, а официјални информации за оваа нова група осомничени сѐ уште нема.

Трагедијата се случи за време на концерт на групата ДНК, кога во дискотеката со 500 гости избувнал пожар. Просторијата имала само една мала врата, немала противпожарни апарати, а ѕидовите биле обложени со запаливи материјали. Покрај тоа, во објектот биле користени пиротехнички средства и прскалки без дозвола. Според истрагата, пламенот почнал откако прскалките го запалиле таванот, кој потоа паднал, дополнително зголемувајќи го бројот на жртвите.

Поврзани содржини