300 ЕВРА КАЗНА ЗА МОЧАЊЕ НА ЈАВНО МЕСТО, СПИЕЊЕ ВО ПАРК, КАПЕЊЕ ВО ФОНТАНА… Сплит се обидува да се справи со разузданите туристи
Туристите одат на тие тури каде што можат да пијат колку сакаат за 20 евра, додека не се срушат, додека не почнат да паѓаат на подот и потоа ни мочаат по куќите, по нашите дворови, повраќаат - рече Лара Боначиќ-Араповиќ, претседателот на Советот на Град Сплит.
Градскиот совет на Сплит ја прифати одлуката за јавен ред и мир во областа Сплит, според која за несоодветно однесување на јавни места во туристичката сезона се воведуваат високи парични казни.
Според таа одлука, со 300 евра ќе бидат казнети: консумација на алкохол на јавни површини (површини на помалку од 100 метри од училишта и градинки, во зона А, која го опфаќа градското подрачје во рамките на барокните бедеми изградени во 17 век; вршење нужда на јавни површини, спиење во паркови на тревници, плоштади и други јавни површини, консумирање храна или пиење на јавни површини, како и престој во угостителски објекти по истекот на работното време.
Прифатена е измена за воведување парична казна од 300 евра за: качување и седење на споменици и спомен-плочи; влегување, качување и/или капење во фонтани и нудење и склучување договор за такси услуга што не е однапред договорена.
Во Сплит граѓаните секоја сезона се жалат на туристички инциденти поттикнати од дрога и алкохол или чиста разузданост. Сплиќани кои живеат во центарот, особено во близина на ноќните клубови, секојдневно гледаат вакви сцени.
– Туристите одат на тие тури каде што можат да пијат колку сакаат за 20 евра, додека не се срушат, додека не почнат да паѓаат на подот и потоа ни мочаат по куќите, по нашите дворови, повраќаат – рече Лара Боначиќ-Араповиќ, претседателот на Советот на Град Сплит, пренесува Дневник.хр.
Во таква состојба, вели Боначиќ-Араповиќ, тие заспиваат пред првиот влез на кој ќе наидат, на подот или дури на сред пат, ноќе.
– Тие заспиваат на нашиот праг. Вчера еден турист остана без свест, на подот, крвав – вели Боначиќ – Араповиќ.
Туристите често знаат да бидат агресивни, и стануваат закана за локалните жители.
– Тие фрлаат шишиња по нашите станари, што е страшно! Кога ќе се разбудиме наутро, првото нешто што го гледаме е човечки измет и урина, па дури и скршени шишиња – додава советникот Денис Кулушиќ.
Градот воведува и десет обезбедувачи кои ќе им помагаат на општинските редари и на полицијата. Некои се согласуваат со таа одлука, други имаат дилеми.
– Не знам што ќе прави тоа обезбедувањето, какви овластувања ќе има? Имаат ли право да користат сила ако некој пијан турист ги нападне физички, смеат ли да го спречат – праша Боначиќ Араповиќ.
Според неа, само полицијата може да се справи со оние кои водат љубов на јавни места, или се шетаат голи, бидејќи тоа е опфатено со друг закон.