30-ГОДИШНА ПАЦИЕНТКА ПОЧИНА ПО ПРИЕМОТ Инспекција влегува во болницата во Тетово
Семејството тврди дека не ѝ била укажана соодветна лекарска помош, МВР и обвинителството отворија истрага.
Министерството за здравство информира дека иницирало инспекциски надзор пред Државниот санитарен и здравствен инспекторат по повод смртта на 30-годишна пациентка во Инфективното одделение на Општата болница во Тетово.
„Јавноста ќе биде навремено известена по завршувањето на постапката за утврдување на фактичката состојба. Министерството за здравство останува посветено на транспарентноста, одговорноста и обезбедување на квалитетна здравствена заштита за сите граѓани“, се наведува во соопштението од МЗ.
Случајот во полиција го пријавил Ј.С. од село Копанце, тетовско, кој околу 03:20 часот утринава известил дека С.С. (30), член од неговото семејство, била хоспитализирана во болницата претходниот ден во 19:00 часот, а потоа починала.
Според пријавата, пациентката наводно не добила соодветна лекарска помош. Полициски службеници од СВР Тетово излегле на местото и формиран е тим кој ќе го води дежурен јавен обвинител во содејство со екипа од СВР Тетово.