3 MEСЕЦИ ПРОБИВАВМЕ КАРПИ НА ДЕЛНИЦАТА ДРЕНОВО-ФАРИШ Николоски вели дека за 1 година е направено колку за 9 претходни

Се работи за вториот најкомплексен проект кој што во моментов се работи во Македонија, после Охрид-Кичево, затоа што се пробиваше патот низ Дреновската Клисура, и дополнително патот се пробиваше низ планини и низ карпи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт велејќи дека пробивањето траело 3 месеци.

798

Изградбата на втората фаза од експресниот пат Прилеп-Градско, односно делницата од Дреново до Фариш беше еден од најкомплексните проекти кои во моментов се градат во Македонија, а во последните година дена се направи повеќе отколку во сите 9 претходни години, истакна во вечерашното гостување во „Тема на денот“, на ТВ Сител, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

– Се работи за комплексен проект, но причините зошто доцнел се бројни, од промена на изведувач, се сеќавате дека овој проект го следеа и бројни контроверзии во однос на претходниот изведувач, имаше обвинувања дури и за корупција, но суштинскиот проблем е затоа што немало посветеност. Се работи за вториот најкомплексен проект кој што во моментов се работи во Македонија, после Охрид-Кичево, затоа што се пробиваше патот низ Дреновската Клисура, и дополнително патот се пробиваше низ планини и низ карпи – рече вицепремиерот Николоски.






Делницата Дреново-Фариш требаше да биде пуштена во сообраќај во март годинава, но поради безбедносни причини работите се одолговлечија уште три месеци, со што сега граѓаните имаат на располагање целосно безбеден и модерен пат.

– Првичниот проект според мене беше лош, затоа што цела планина надвиснуваше над експресниот пат, и минатата година ние одлучивме дека нема да правиме заштита со мрежа, или со одредени челични сајли кои што беа предложени, туку дека едноставно ќе ја поместиме планината за да имаме безбедност. Имаше една чудна коинциденција. Ние почнавме за ова да размислуваме некаде околу септември-октомври, кога имаше поделени мислења од одредени инженери. И јас и премиерот од прв ден бевме на мислењето дека треба да имаме безбедност на начин што ќе се отстрани тој дел од планината. Откако се случи онаа несреќа во Нови Сад со железничката станица, сите се сложија на нашето мислење, затоа што и таму беше со челични сајли онаа настрешница, па за жал заврши трагично. Затоа одлучивме од Градско до Дреново да го пуштиме во јануари, а овој дел наместо во март, како што беше првично планирано, да го пуштиме еве крајот на јуни – потенцираше вицепремиерот Николоски.

Вицепремиерот додаде дека со изградбата на оваа делница, од Прилеп до главниот град ќе се стигнува за 1 час и 10 минути, а со завршувањето на изградбата на автопатот Прилеп-Битола – кон крајот на 2027 година, од Битола до Скопје ќе се стигнува за 1 час и 30-40 минути.

Поврзани содржини