3.600 ПАРЧИЊА ЗЛАТО, КАФЕ, ЦИГАРИ… Заплените на граничните премини зголемени за 30%, информира МВР

Министерството за внатрешни работи бележи историски резултати во борбата со прекуграничниот криминал, запленувајќи злато, возила, кафе и цигари, додека ги модернизира граничните премини со концептот „One Stop“.

232

Министерството за внатрешни работи објави дека во изминатава година постигнало значителни резултати во борбата против прекуграничниот криминал, покажувајќи дека, како што велат оттаму, „криминалот не познава граници, но ниту безбедносните институции не познаваат умор“.

Во соопштението до медиумите се вели дека е бележано зголемување од над 30% во откриените случаи поврзани со прекуграничен криминал во споредба со претходниот период, што го потврдува трендот на зголемена ефикасност и координација со меѓународните партнери.






„За само една година, нашите служби запленија над 3.600 парчиња монети и златен накит, открија над 25 возила што се бараа со меѓународна потерница преку Интерпол, како и над 180 килограми сурово кафе што нелегално се обидувало да се пренесе преку границите. Запленивме и големи количини цигари, тутун, стока за широка потрошувачка, како и околу 120 фалсификувани документи. Сите овие активности се резултат на засилените мерки и професионалниот ангажман на нашите служби“, информираат од МВР.

Истовремено, МВР спроведува и структурни промени на граничните премини со цел подобрување на протокот на луѓе и стоки, а со тоа и унапредување на економијата, туризмот и регионалната соработка. Една од најзначајните новини е пуштањето во употреба на концептот „ONE STOP“ контрола на неколку клучни гранични премини.

„Овој систем веќе функционира на граничните премини Блаце – Елез Хан, Јажинце – Глобочица и Табановце – Прешево, каде патниците и возилата минуваат со една контрола, наместо со две, со што се намалува чекањето и се зголемува ефикасноста. На ГП Стар Дојран, пак, беа отворени две нови линии за побрз и побезбеден премин“, велат од МВР.

Од Министерството нагласуваат дека додека строго ги чуваат границите од криминални активности, истовремено работат на нивно отворање за граѓаните, туристите и деловните субјекти, овозможувајќи побрза трговија, развој на туризмот и нови пријателства со соседите.

Поврзани содржини