3.000 РАКЕТИ СЕ КРИЈАТ ВО „ГРАДОВИ“ ПОД ПЛАНИНИТЕ НА ИРАН Техеран ги обновил залихите преполовени во минатиот конфликт

Ракетните „градови“ на Иран се вкопани и до 500 метри под планините, проценуваат аналитичари од САД. Рафалното испукување дава можност ракетите да поминат преку радарите на Израел и потешко да бидат пресретнати.

555

Иран има повеќе од 3.000 балистички ракети, а најмоќните балистички ракети на Техеран се кријат во подземни воени комплекси познати како „ракетни градови“, проценуваат американските служби.

Овие комплекси се вкопани длабоко во планините, наводно до 500 метри под површината. Целта е ракетите и мобилните лансери да бидат заштитени од воздушни напади. Воениот аналитичар Гилермо Пулидо објасни дека овие бази имаат и слабост.






– Доколку Израел и САД ги оштетат влезовите и отворите за лансирање, ракетните градови би станале гробници – изјавил тој.

Во тој случај ракетите не би можеле да се лансираат, а мобилните лансери не би можеле да излезат од базите.

Рафално пукање, тешко пресретнување

Под планините на Иран се крие еден од најголемите ракетни арсенали на Блискиот Исток. Меѓу нив има ракети со краток, среден и долг дострел. Ракетите со краток дострел, како Фатех и Золфагар, се дизајнирани за брзи напади врз блиски воени цели.

Тие можат да се лансираат во рафали, серија ракети испукани истовремено. Така се намалува времето за предупредување и се отежнува пресретнувањето. Иран ја применил оваа тактика во 2020 година, како одговор на атентатот врз генералот Касем Солејмани.

Ракетите со среден дострел, како Шахаб-3, Хорамшахр и Саџил, се дизајнирани за далечни цели. Некои модели теоретски можат да достигнат до околу 3.000 километри. Техеран тврди дека доброволно се ограничува на 2.000 километри.

Колку е брза хиперсоничната Фатах-2?

Американските проценки велат дека Иран има околу 14 различни видови балистички ракети. Најамбициозниот проект е хиперсоничната ракета Фатах-2.  Таа има дострел од околу 1.400 километри. Според иранските тврдења, може да достигне брзина до 15 пати поголема од звукот.

Техеран тврди дека ракетата може да пробие модерни системи за воздушна одбрана. Западните разузнавачки служби, сепак, се поделени околу нејзините вистински способности.

Евтини дронови, голема закана

Покрај балистичките ракети, Иран масовно користи и беспилотни летала. Меѓу нив е и моделот Шахед-136. Станува збор за камикази дронови со боева глава, кои експлодираат при удар.

Тие се евтини и лесни за производство. Кога се лансираат во бранови, можат да ги преоптоварат дури и најсовремените системи за воздушна одбрана.

Затоа нивното пресретнување со скапи системи како Патриот претставува сериозен финансиски предизвик.

Преполовен, па обновен арсенал

Во последните две децении Иран го зголеми дострелот, точноста и разорната моќ на своите ракети.

Точниот број на ракети денес не е познат. Дел од арсеналот бил искористен или уништен за време на 12-дневната војна минатата година.

Израел тврди дека иранскиот ракетен арсенал тогаш бил преполовен. Подоцнежни сателитски снимки покажале дека Техеран успеал да ги обнови капацитетите.

Главната предност на Иран е стратегијата на асиметрично војување. Таа е дизајнирана да се спротивстави на технолошки посилни противници како САД и Израел.

Трка меѓу нападот и одбраната

Прашањето е колку долго Техеран може да ја одржува оваа стратегија без помош од сојузници.

Иран во моментов нема ракети што можат да стигнат до САД. Американските разузнавачки служби проценуваат дека Техеран нема да може да развие таков систем пред 2035 година.

САД остануваат воено супериорни во регионот. Околу десет проценти од американските воздухопловни сили веќе се распоредени на Блискиот Исток.

Американските власти предупредуваат дека ако конфликтот трае долго, може да се претвори во трка меѓу нападот и одбраната.

Аналитичарите проценуваат дека ако Иран ги одржи своите ракетни резерви, противниците би можеле постепено да ги трошат пресретнувачите за противракетна одбрана.

Поврзани содржини