27 март, 80 години подоцна: Ние Македонците сме Бугари само онолку колку што сме и Срби
Кате, подолги ќе бидат колоните за Белград. Не поради лошите патишта „кам Столицата“. Поради лошите политики, драга, Катерино!
(А, може и вака: ние Македонците не сме Срби, ништо повеќе ниту помалку од она што не сме Бугари)
Ние, навистина, со децении, бевме Југословени – по државјанство, ама Македонци – по националност. И никој тоа не ни го оспоруваше. Кога, ние Македонците – со црвениот пасош бевме Запад за Истокот, за Бугарите бевме Американци!
Дали има Бугари во Македонија?
Да, има и никој тоа не им го оспорува. Во гимназиските клупи седев со Морен Петров, од татко Бугарин, со куќа, за нас, во тоа време – палата, во првиот крајезерски ред, до хотелот „Ривиера“. Државата, Република Македонија, со наши, пари на даночниците, му ја обнови и реновира затоа што е заштитена со закон.
Моето школско другарче Морен сега живее во Белград. Зошто патот го однел на Север, а не на Исток, тоа си е негова интимна работа. Знаете што сакам да ви кажам.
Мисицата од Пазарџик, вели дека Бугари имало преку стотина илјади – декларирани со државјанство и „паспорт“, дека останатите се Македонци само после 1941 година!!!???
Да, Кате, има преку стотина илјади „Бугари“ во Македонија. Тие се „Бугари“ од зорзоман, исто како што ќе има преку стотина илјади „Срби“, ако нашата држава и натаму е немоќна да им обезбеди вакцина и да им го заштити здравјето, тие кутрите, чопоративно, патуваат на север – барајќи спас за жива глава!
Дали ќе имаше конвои за Софија, ако и таму на вакцините им истекуваше рокот и вие тамошните државни глави, ќе ни ги понудевте нам? Да, Кате, ќе имаше и такви. Е сега, на тебе оставам, сама да одмеруваш – во кој правец ќе беа подолги колоните? Кон Белград или кон Столицата ви!?
Драга Кате, ние сме, односно бевме Југословени, затоа што Србите, Црногорците, добар дел Хрвати – особено од Далмација, па и добар дел Словенци, на 27 март 1941 година, одбија да бидат „като Балгарите!“.
Однапред знаејќи дека за тоа ќе платат висока казна (така се викаше воената акција на вашиот сојузник Адолф Хитлер, лично!), знаејќи дека земјата ќе им биде разорена, знаејќи дека бугарската „администраторска!“ војска во „новоослободената!“ (од Хитлер подарена територија!) во Треблинка, во сточни вагони, на Хитлер ќе му ги испорачува Евреите и „шумкарите!“ од Македонија.
Во Србија, деновиве, покрај вакцинацијата и навалата на избезумени Македонци, Босанци, Црногорци (и еден Германец!) на Сајмиштето, актуелна е темата за 27 март 1941 година. Имено, од оваа временска дистанца, се отвори прашањето: Дали Србите погрешија што го отфрлија Тројниот пакт на принцот Павле и претседателот на српската Влада?
Дали не ќе беше подобро и новиот крал („сашто кат балгарскиот!“), односно новата влада, да се oсојузат со Хитлер, за да ги спасат Белград, Ниш и другите градови од разорување? Да не се извикуваше: „доле влада“…„боље рат него пакт“… „боље гроб, него роб“….
Дебатата е легитимна. Можеби и Виши во Франција имаше добри намери. Да се разурне Париз, па тоа е лудило!!!!????
И патот до пеколот е поплочен со најдобри намери, Катерино!
Да, на дебатите се слуша и рефренот: „добили смо и роб и гроб!“. Учените српски глави велат: да, беше и тоа опција, и ние можевме и поинаку, „АМА, НИЕ НЕ СМЕ БУГАРИ!“.
Е, токму затоа, драга Кате, и Македонците во 1941 година, се определија: ДА НЕ СЕ БУГАРИ, ДА НЕ СЕ НА СТРАНАТА НА ФАШИЗМОТ, ДА НЕ СЕ СЛУГИ НА ХИТЛЕР…
Точно, денешните мои драги пријатели, колеги-новинари и останати во Бугарија, не носат вина за тоа што нивниот цар, сакал да ги заштити нивните дедовци од колеж, за тоа што се полакомил да добие за награда „новоослободени територии!“ во Македонија и Србија, од „Бјалото Море до красивија Охрид!“.
Точно, на денешните Бугари не треба да им го наметнуваме срамот, но како да заборавиме дека нивните дедовци или татковци, френетично ракоплескаа во бугарскиот Парламент. Застанувањето зад Хитлер беше едногласно – АКЛАМАТИВНО во Парламентот!
До кога нема да заборавиме. Сѐ додека денешна официјална Софија не сака да се присети на тој срамен чин, сѐ додека бугарските државни глави не појдат во Дахау и Аушвиц (ако е тоа далеку, барем до Кавадрци на Ваташа!), да клекнат, да се поклонат пред жртвите, како што тоа го направи еден политички колос – Хелмут Кол, како што тоа го правеше Шредер или Меркел во најново време.
Македонците вечно ќе прашуваат: Зошто во Софија, не се случи тоа што се случи во Белград?
Дали, можеби, поради тоа што Бугарија и пред 1941 година беше на погрешната страна. Фашистичкото лудило, истребувањето на цели народи и раси, не почна 1940 година, туку уште 1879 со Тројниот сојуз, кој ја предизвика Првата светска војна 1914. Каде беше Бугарија во тој континуитет? Разбира се, на погрешната страна, на страната на „Централните сили!“.
Србите, на 27 март 1941, се определија, како што се определија, затоа што им беа свежи сеќавањата од Големата претходна војна, кога земјата изгуби четвртина од населението, Србите мораа да ја бранат честа на загинатите. А, кога некој, нема што да брани по прашањето на честа, тогаш тој многу лесно му подлегнува на БЕСЧЕСТИЕТО, Кате!
За крај една моја претпоставка: „Шта би било, кад би било?“
Да речеме, Кате, во исто време, да се делат бесплатно во Белград – само „АстраЗенека“, а во Софија да има можност, да се бира од „АстраЗенека“ до „Фајзер“. Кате, подолги ќе бидат колоните за Белград. Не поради лошите патишта „кам Столицата“. Поради лошите политики, драга, Катерино!