26 ЗЕМЈИ СЕ ОБВРЗАА ДА ЈА ЧУВААТ УКРАИНА СО ВОЈСКА ИЛИ СО ПОДДРШКА ОД КОПНО, МОРЕ И ОД ВОЗДУХ Макрон очекува да се финализира и улогата на САД

По самитот во Париз украинскиот претседател Володомир Зеленски рече дека секоја земја од Коалицијата на подготвените во моментов подготвува документи за својот придонес кон безбедносните гаранции и дека е постигнато разбирање за тоа кои земји се подготвени да испратат воен персонал во Украина.

3,239

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека 26 земји се согласиле да учествуваат во повоените безбедносни гаранции за Украина и дека поддршката на САД за тие гаранции ќе биде финализирана во наредните денови.

Лидерите на околу 30 западни сојузници на Украина од Коалицијата на подготвените денеска се сретнаа со претседателот Володимир Зеленски за да разговараат за безбедносните гаранции за земјата кои би стапиле на сила по евентуалниот мировен договор со Русија. По разговорите се одржа видеоконференција со американскиот претседател Доналд Трамп.






Макрон рече дека 26 земји „се обврзале да распоредат трупи како безбедносни сили во Украина или да бидат присутни на копно, на море или во воздух“. Тој не прецизираше кои држави се согласни да испратат војска внатре во Украина, но засега е познато дека Франција и Велика Британија се меѓу тие земји.

Без војска на фронтот

Силите нема да бидат распоредени на фронтовските линии, рече Макрон, туку во области за кои сè уште не е одлучено.

– Во наредните денови ќе ја финализираме американската поддршка за овие безбедносни гаранции. Соединетите Држави, како што реков, беа вклучени во сите фази од процесот – рече претседателот на Франција.

Соединетите Американски Држави сè уште не се обврзале на јасна повоена улога, а вклученоста на Вашингтон се смета за клучна поддршка на напорите на сојузниците.

Важно е што САД се со нас

Зеленски, зборувајќи на заедничката прес-конференција со Макрон, рече дека штом САД го одобрат нацрт-документот, ќе бидат преземени понатамошни чекори.

– Важно е што САД се со нас. Денескс разговаравме со претседателот Трамп. Ви благодарам многу за вашиот ангажман – рече Зеленски.

Двајцата лидери разговараа и за напорите за обезбедување средба меѓу Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Макрон рече дека ако Русија продолжи да одбива конкретни мировни разговори ќе преземат дополнителни санкции во соработка со САД.

– Ова е и она што претседателот Трамп го за време на овој повик – рече Макрон.

Зеленски истакна дека тоа што рускиот претседател Владимир Путин предложи да се сретнат на мировни преговори во Москва значи дека Русија не сака средба. Тој рече дека сите учесници на средбата во Елисејската палата се согласиле дека Русија ги отфрла сите иницијативи за мир.

Се знае кои држави ќе испратат трупи

Зеленски рече дека секоја земја од Коалицијата на подготвените во моментов подготвува документи за својот придонес кон безбедносните гаранции. Додаде дека е постигнато разбирање за тоа кои земји се подготвени да испратат воен персонал во Украина и инсистира дека САД треба да бидат дел од безбедносните гаранции.

Коментирајќи го телефонскиот разговор со Трамп Зеленски наведе дека американскиот претседател е многу незадоволен што земји-членки на ЕУ купуваат руска нафта, при тоа посочувајќи ги Словачка и Унгарија.

Зеленски денеска во Париз се сретна со специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, а шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, по средбата наведе дека безбедносните гаранции „мора да бидат силни и ефикасни – на воздух, море и на копно, како и во киберпросторот“.

Италија не влегува со војска во Украина

Италијанската премиерка Џорџија Мелони по состанокот рече дека Италија нема да испрати војници во Украина за да го набљудуваат евентуалниот мировен договор со Русија, но е подгаотвена да го поддржи евентуалниот прекин на огнот преку иницијативи за набљудување и обука надвор од украинската територија.

Според медиумите, војска во Украина нема да испратат ниту Полска и Хрватска.

Британскиот премиер Кир Стармер по средбата на Коалицијата на подготвените посочи „дека групата има непоколеблива посветеност на Украина, со поддршка на претседателот Трамп, и дека е јасно дека сега мора да се изврши дополнителен притисок врз Путин за да се обезбеди крај на непријателствата“.

Премиерот на Чешка, Петр Фиала посочи дека сојузниците на Украина се согласни дека треба да продолжи помошта за Украина и оти се потребни силни безбедносни гаранции за одржлив мир.

– Треба да продолжиме со притисокот врз Русија за да создадеме услови за праведен и одржлив мир – рече Фиала.

Зеленски: Нема да го напуштиме Донбас

Претходно Зеленски изјави дека територијални отстапки на Украина само ќе доведат до тоа рускиот претседател Владимир Путин да ги искористи освоените територии како отскочна даска за нови офанзиви.

– Некои медиуми тврдат дека ако украинските војници се повлечат од источните региони на нашата земја, мирот би се вратил. Тоа не е вистина. Путин изврши инвазија на Крим за да го искористи како отскочна даска и да го опколи југот на нашата земја. Тоа значи дека се подготвувал за уште една офанзива. Ако утре некако го напуштиме Донбас, што нема да се случи, ќе му отвориме на Путин незаштитен простор, близу град со милион и пол жители – Харков. Тој исто така би го зазел индустрискиот центар Дњепар. Тоа би му отворило можности – наведе Зеленски.

„Океанот утре нема да заштити никого“

Додаде дека ако Путин успее да ја освои цела Украина, „би ја искористил како отскочна даска на ист начин“.

Дали ќе го направи тоа или не, додаде украинскиот лидер, зависи од цврстината на Европа.

– Ако Европа е силна, веројатно нема ништо да преземе, но ако е слаба, ќе биде подложна на руските акции. Меѓу Москва и Париз има помалку од 3.000 километри. Денес, ракетите што Русија ги користи против Украина имаат дострел од 2.500 километри. Ние самите имаме ракети со дострел од 3.000 километри. Верувајте ми, за 2 години Русите ќе имаат многу ракети, ќе ги имаме и ние, со дострел од 5.000 километри. Морето нема да заштити никого. Океанот нема да заштити никого. Ракетите еден ден ќе можат да имаат дострел дури и од 10.000 километри – заклучи Зеленски.

Трамп претходно изјави дека европските земји ќе мора да го понесат најголемиот дел од товарот за обезбедување гаранции, при што Вашингтон ги поддржува операциите „веројатно… од воздух“.

Поврзани содржини