250.000 ПОЛИЦАЈЦИ ЌЕ ГО ЧУВААТ МИРОТ НА ОЛИМПИЈАДАТА Макрон смета дека Французите се горди на отворањето на Игрите

72

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека церемонијата на отворањето на Олимписките игри на Сена ги направила Французите „исклучително горди“ и нагласи дека таа претставувала вистински „безбедносен потфат“.

– Синоќешната церемонија му подари на целиот свет извонреден спектакл, единствен во светот и во историјата на Игрите и верувам дека нашите сонародници ги направи исклучително горди – рече Макрон и посочи дека се работи за „голем спектакл кој го приредиле уметниците и спортистите“.






Францускиот претседател им честиташе на безбедносните сили за време на Олимпијадата, поздравувајќи ја нивната „вонредна мобилизација“.

– Сакам да ви ја пренесам благодарноста на нацијата, мојата благодарност, да ви кажам дека тоа не би било можно без вложувањата и работата што успеавте да ги направите во последните години и вашиот извонреден ангажман и решителност. Овие Игри се можни бидејќи има вкупно 250.000 припадници на внатрешните безбедносни сили кои летото ќе го поминат штитејќи и надгледувајќи – рече Макрон при посетата на информативно-командниот центар на управата на полицијата во Париз.

Само на синоќешното отворање беа ангажирани околу 45.000 полицајци и жандарми, што е огромна бројка за јавен настан.

Олимписките игри ќе траат до 11 август, а потоа следуваат Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.

Поврзани содржини