25-ГОДИШНИОТ МАРТИН ГО ФАТИ КРСТОТ ВО ОХРИД Скокам десет години и еве ми се исполни желбата
Чувството е прекрасно, мислам дека тоа ќе ми донесе многу среќа и благососотојба во фамилијата. За да стигнеш до Чесниот крст мора да постиш, да си внесен во верата и да ги почитуваш правилата на Црквата, рече 25-годишниот Гоџоски.
„Речиси десет години наназад скокам во езерото за да го фатам крстот. Голема желба ми беше да го фатам, еве тоа се исполни. Чувството е прекрасно, мислам дека тоа ќе ми донесе многу среќа и благососотојба во фамилијата. За да стигнеш до Чесниот крст мора да постиш, да си внесен во верата и да ги почитуваш правилата на Црквата“.
Вака изјави 25-годишниот Мартин Гоџоски прв меѓу стотината верници кои утринава скокаа по крстот во охридската населба Варош.
Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости како од градот, така и од околните градови, но и пошироко. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на среќниот фаќач и на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление – Водици.
Прославувањето на Богојавление продолжува со забава на верниците на Градскиот плоштад и концертот на групата „Љубојна“. Годинава поради ковид-пандемијата во Охрид утре нема да се одржи Денот на рибарите, по повод Свети Јован Крстител. На овој ден обично се во неколкутонски казан се приготвуваше рибина чорба.