25 ДЕЦА ЗАГИНАА ВО НЕСРЕЌАТА СО ВОЕНИОТ АВИОН ШТО СЕ УРНА ВО УЧИЛИШЕН КАМПУС Хоспитализирани се 88 лица со изгореници, прогласен ден на жалост во Бангладеш
Специјалниот помошник на главниот советник за здравство, Саједур Рахман, соопшти пред новинарите дека во несреќата загинале 27 лица. Меѓу жртвите се 25 деца, еден наставник и пилотот на авионот.
Најмалку 25 деца се меѓу 27-те загинати кои се извлечени од изгорените згради откако авион на Военото воздухопловство на Бангладеш, кој бил на тренинг-мисија, се урнал врз кампус на колеџ и на училиште во Дака, соопштија властите во вторникот. Уште 88 лица се хоспитализирани со изгореници, објави Ројтерс.
Авион од типот F-7 BGI се урнал само неколку минути по полетувањето во 13:06 часот по локално време (07:06 GMT) во понеделникот од воздухопловната база Курмитола во главниот град, за време на рутинска тренинг-мисија. Војската соопшти дека авионот претрпел механички дефект.
Снимките покажуваат како спасувачките екипи пребаруваат низ изгорените објекти во потрага по остатоци, додека очајни членови на семејствата стојат околу местото на несреќата.
Специјалниот помошник на главниот советник за здравство, Саједур Рахман, изјави пред новинарите дека 27 лица загинале, а 88 се примени во болница со изгореници. Меѓу загинатите имало 25 деца, еден наставник и пилотот.
Владата прогласи ден на жалост, со знамиња на половина копје и со посебни молитви во сите верски објекти.
F-7 BGI е последната и најнапредна верзија од семејството на кинески авиони Chengdu J-7/F-7, според податоци на британската разузнавачко-одбранбена компанија Џејнс информејшн груп. Бангладеш потпиша договор за 16 вакви авиони во 2011 година, а испораките беа завршени до 2013 година.
Инцидентот се случи во време кога соседна Индија сè уште се соочува со последиците од најтешката авионска несреќа во светот во последната деценија, откако авион на Ер Индија се урна во студентски дом при медицински факултет во Ахмедабад минатиот месец, при што загинаа 241 од 242 патници и уште 19 лица на земја.