242.000 ГРАЃАНИ ГО ОСИГУРИЛЕ ЖИВОТОТ За тоа платиле 21,5 милиони евра кај осигурителните компании
Петте компании за осигурување живот, за 9 месеци од годинава, исплатија 590.000 евра обештетување на блиски лица и роднини за смртни случаи кои имале „ризико“ животно осигурување
Вложувањата во животно осигурување достигнаа 21,5 милиони евра за периодот јануари- септември годинава и се зголемени за 12 отсто во споредба со истиот период лани. Повеќе од 242.000 граѓани имаат полиса за осигурување живот, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во периодот јануари – септември петте компании за животно осигурување склучиле над 39.000 договори за осигурување.
Во износот на вкупни вложувања во животно осигурување најголемо е учеството на осигурување живот во кое е вклучена и штедната компонента. Овој осигурителен продукт со полисата за осигурување живот нуди можност вложените средства за осигурување да се штедат и по истек на рокот на полисата да му бидат исплатени на осигуреникот. Во осигурување живот со штедна компонента за 9 месецисе вложени 13,6 милиони евра.
Во класичното животно осигурување кое покрива ризик смрт, во овој период, се ввложени 3,9 милиони евра. Овој продукт, популарно познат како „ризико осигурување“, нуди финансиски надомест за членови на семејство или блиски лица во случај осигуреникот да почине, но нема штедна компонента. Тоа значи дека вложените средства не се враќаат на осигуреникот на истек на договорот за осигурување.
„Јунит линкд“ осигурувањето е најновата класа на нашиот осигурителен пазар за животно осигурување. Кај ова осигурување вложените средства не се штедат туку се вложуваат во удели на инвестициски фондови кои купуваат акции и други хартии од вредност кои се тргуваат на светските берзи. Кај оваа класа осигурување ризикот од вложување го носи осигуреникот. Затоа и нема гарантирана осигурена сума која се исплаќа кога завршува периодот на осигурување. Тоа значи дека кога истекува рокот на договорот осигуреникот добива колку што во тој момент вредат уделите на инвестицискиот фонд во кој се вложени парите. Во овој осигурителен производ се вложени 4,1 милион евра. Забележлив е тренд на раст на ова осигурување во вкупното животно осигурување.
Осигурителните компании сите основи исплатиле штети во вкупна вредност од 6,5 милиони евра. Од тоа при смртни случаи на осигуреници на нивни блиски лица и членови на семејства покриени со „ризико осигурување“ се исплатени590.000 евра.
Кај осигурувањата со штедна компонента се исплатени5,6 милиони евра на осигуреници на кои: им истекол договорот, го прекинале осигурувањето или биле обештетени блиски лица на осигуреници кои починале. Кај „јунит линкд“ осигурувањето за овој период се исплатени 280.000 евр) штети. Во тој износ откупот (предвреме прекинати договори на барање на осигуреници) учествува со 205.000 евра.