24 ГОДИНИ ОД ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР Меџити порача дека можеме да живееме и да создаваме заедно

На одбележувањето на 24 години од Охридскиот рамковен договор, првиот вицепремиер Изет Меџити порача дека документот ставил крај на конфликтот и ги поставил темелите на соживот, демократија и меѓусебно почитување.

408

Охридскиот договор не е само политички документ. Тој е визионерски акт, историски договор меѓу заедниците кои живеат во оваа земја, посветеност за изградба на држава во која секој се чувствува еднаков, претставен и почитуван, порача вечерва првиот вицепремиер во Владата Изет Меџити на одбележувањето 24 години од Рамковниот договор.

Овој договор, рече тој, стави крај на вооружениот конфликт и ги постави темелите за нов соживот врз принципите на демократија, инклузивност и меѓусебно почитување.






– Денес сме собрани овде за да се потсетиме и да оддадеме почит на еден од најзначајните настани од нашата понова историја Охридскиот рамковен договор, кој пред 24 години стави крај на еден болен конфликт и ја отвори патеката кон побезбедна и поправедна иднина за сите граѓани на нашата земја – истакна Меџити.

Според него, август носи длабока симболика, а тоа, како што рече се Илинден и Охридскиот договор кои се два темелни камена на современата државност на Република Северна Македонија.

– Тоа се два датума кои не треба да живеат само во календарот, туку и во нашата колективна свест. Тие нè потсетуваат дека само преку заеднички напори, жртва и дијалог можеме да изградиме функционално, праведно и демократско општество – потенцира првиот вицепремиер.

За Охридскиот договор рече дека не е само политички документ и дека Албанците и Македонците, но и сите други етнички заедници, не се само делови од една држава, туку дека сите се нејзини соосновачи.

– Не можеме да се избегнуваме едни со други, ниту треба да се обидуваме. Повикани сме да живееме заедно, да создаваме заедно, да ги делиме одговорностите и успесите, да градиме заедничка иднина за генерациите што доаѓаат. Ова не е обврска, ова е историска можност – нагласи Меџити.

Тој потсети и најави дека се ближат локалните избори и дека било природно во секое плуралистичко општество, политичките тензии да се зголемат, но и дека имаат обврска преку институционална зрелост и политичка одговорност да го зачувааат единството и стабилноста. Порача дека граѓаните очекуваат одговорност и работа и најави посветеност во остварување на тоа.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Поврзани содржини