23 СЕПТЕМВРИ – ДЕН НА ЗНАКОВНИОТ ЈАЗИК Како изгледа рачната азбука во македонскиот јазик?
Македонската знаковна азбука е азбука со која се служи македонскиот знаковен јазик. Азбуката се состои од 31 знак што е еднакво на 31 глас во македонскиот јазик.
На 23 септември се одбележува Меѓународниот ден на знаковниот јазик. Народниот правобранител, по тој повод, ја истакнува важноста на знаковниот јазик како основно средство за комуникација на лицата со оштетен слух, при што потсетува дека знаковниот јазик не е само алтернативен начин на комуникација, туку тоа е богат и комплексен јазик кој ја одразува културата и идентитетот на заедницата која има проблеми со слухот.
„Овој ден е важен за подигање на свеста за правата на лицата со оштетувања на слухот и служи за поддршка на различноста во комуникацијата, а со крајна цел промоција на инклузијата на лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на народниот правобранител.
Според Народниот правобранител, признавањето на знаковниот јазик како природно и основно средство за комуникацијата, е клучно за унапредување на инклузијата и еднаквоста во општеството на лицата со оштетен слух, а поддршката за неговото изучување и користење е важен чекор кон создавање општество во кое се почитува различноста и се вреднуваат лингвистичките и културолошките права на оваа заедница.
Обединетите Нации кон крајот на 2017 година го прогласи 23 септември за меѓународен ден на знаковен јазик, кој има еднаков статус со сите говорни јазици.
Знаковниот јазик го користат 72 милиони луѓе ширум светот, а во Македонија има околу 7.000 глуви и наглуви лица кои го користат македонскиот знаковен јазик.
Македонската знаковна азбука е азбука со која се служи македонскиот знаковен јазик. Азбуката се состои од 31 знак што е еднакво на 31 глас во македонскиот јазик. Секоја буква има посебен знак и со нив се изразуваат основните елементи на знаковниот јазик. Карактеристично за знаковната збука е тоа што таа има два вида, односно знаковна азбука со една рака и знаковна азбука со две раце.