225 ИЛЈАДИ УЧЕНИЦИ ЌЕ СЕДАТ ДОМА ДО ПРВИ Нека ова биде последното затворање
Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период - вели Патриција Ди Џовани од УНИЦЕФ.
Околу 255 илјади ученици наместо утре, во училишните клупи ќе се вратат на 1 февруари поради влошената епидемиолошка состојба и процената дека земјата се наоѓа во пикот на заразата со коронавирусот. Одлуката за одложен почеток на второто полугодие завчера ја донесе Владата по препорака на Главниот координативен кризен штаб. Некои експерти велат дека затворањето влијае негативно на децата, а од УНИЦЕФ препорачуваат ова да биде последен локдаун.
Заразувањето е само 0,01 отсто во последниот месец
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани, вчера во пишана изјава до медиумите нагласи дека одложувањето на наставата треба да биде привремено зашто во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците.
– За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01 процент нови случаи дневно кај учениците и 0,03 проценти кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2600 на 11.000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците – рече Ди Џовани.

Македонските училишта беа затворени 30 недели повеќе од европските
Според Ди Џовани уште еден бран на затворање на училиштата би бил катастрофален. Во Македонија и пред пандемијата петнаесетгодишниците се мачеа со основните вештини по математика и по читање.
– Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период. Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо – истакна претставничката на УНИЦЕФ.
Трите сценарија за учебната година
Уште минатото лето македонските власти испланираа три сценарија за реализација на учебната година – настава со физичко присуство како прво и најпосакувано, настава на далечина и трето, комбинирана настава со ротирање на групи од иста паралелка.
Во повеќе наврати претходната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека настава со физичко присуство ќе се применува сè додека се во ред бројките на заразени и додека нема интерно ширење на болеста во училиштата.
Според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, до крајот на првото полугодие (30 декември 2021) процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со ковид-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 отсто.