212 ВОЗАЧИ ФАТЕНИ БЕЗ ДОЗВОЛА Над 1.300 санкции низ Македонија само за два дена

Повеќе од 1.300 санкции за два дена – најчесто возење без дозвола, под дејство на алкохол и без кацига.

700

Во текот на изминатиот викенд полицијата низ целата земја спроведе засилени сообраќајни контроли, при што беа изречени вкупно 1.336 платни налози за различни прекршоци. Најмногу казни дури 212 се однесуваат на возачи кои управувале моторни возила без да поседуваат возачка дозвола.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, дополнително 121 возач бил фатен како управува под дејство на алкохол и веднаш бил исклучен од сообраќај. Висока е и бројката на 106 мотоциклисти кои биле санкционирани затоа што не носеле заштитна кацига, а 168 возачи ја пречекориле пропишаната брзина на движење. За 173 лица биле изречени казни поради неправилно паркирање, а уште 100 биле фатени без сигурносен појас.






Контролите регистрирале и 39 прекршоци за користење мобилен телефон додека се управувало возило, 15 возачи поминале на црвено светло, а санкции добиле и четворица пешаци, како и двајца корисници на електрични тротинети.

Согласно Законот за возила, 42 возила биле отстранети од сообраќај поради нерегистрираност, а едно поради техничка неисправност.

Од МВР упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел да се спречат несреќи и да се зачува животот и здравјето на сите граѓани.

„Полицијата континуирано ќе продолжи со засилените контроли. Очекуваме совесно однесување од сите учесници во сообраќајот. Само со заеднички напори можеме да ја подигнеме безбедноста на нашите патишта“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Поврзани содржини