200 СУДИРИ ВО ИСТОЧНА УКРАИНА ВО 1 ДЕН Жестоки борби околу Покровск, руската офанзива се засилува, предупредува Киев

Украинската армија тврди дека одбила 70 напади во текот на денот и уште 12 напади во ноќта. Градот Покровск, кој е важен транспортен центар, е под притисок од руските сили кои напредуваат од три правци - исток, југ и југозапад.

244

Русија продолжува со својата офанзива во источна Украина со висок интензитет, објави Генералштабот на Украина на својот Фејсбук профил, известувајќи за над 200 судири во еден ден.

Како што пренесе ДПА, борбите се интензивирале особено околу стратешкиот град Покровск во регионот Доњецк, каде што украинските сили соопштија дека вчера одбиле 70 напади, а во текот на ноќта уште 12. Градот е клучен транспортен центар, а руските сили наводно се приближуваат од исток, југ и од југозапад.






Информацијата не може независно да се потврди.

Украина досега ги одбива обидите на Русија да пробие на запад кон соседната индустриска област Дњепропетровск.

Нападите доаѓаат и покрај тековните дипломатски напори на САД да посредуваат за прекин на огнот меѓу Москва и Киев. Претседателот на САД, Доналд Трамп, неодамна предложи безусловно 30-дневно примирје, план што украинскиот претседател Володимир Зеленски го прифати. Сепак, претседателот на Русија, Владимир Путин, ја одби понудата.

Наместо тоа, Путин прогласи едностран 72-часовен прекин на огнот кој ќе се совпадне со годишната Парада на победата на Црвениот плоштад во Москва, со која се одбележува крајот на Втората светска војна, а која во Русија се слави на 9 мај, што годинава се паѓа во петок.

Примирјето е закажано да започне на полноќ, во среда кон четврток, во Москва, и да заврши на полноќ во сабота кон недела.

Киев го отфрли ограничениот прекин и побара примирјето да се продолжи на 30 дена.

„Русите бараат прекин на огнот на 9 мај, а самите секој ден пукаат врз Украина. Ова е цинизам од највисок ред“, напиша Зеленски вчера на Телеграм.

„ПОЕДИНЦИ ЈА КОЧАТ ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА УКРАИНА ЗА ПОДОБРО МЕСТО НА ЦРВЕНИОТ ПЛОШТАД“ Дали Москва подготвува провокации за 9 мај?

Поврзани содржини