20 ЗАКОНИ ЗА 18 МЕСЕЦИ Филков со бројки удри по СДСМ, Тренчевска со остра реплика
Министерот Филков се пофали со рекорден број закони, а СДСМ го нападна дека реформите стојат, расправија што ја отвори дилемата: кој го закочил судството?
Министерот за правда Игор Филков во Собранието се пофали дека неговото министерство во последните 18 месеци изготвило повеќе од 20 закони и дека уште неколку се при крај. Според него, никогаш досега во историјата на ресорот немало толку интензивно законско производство за толку кратко време.
Филков имаше и директна порака до пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ, која го праша зошто реформата во судството стои и кој ќе понесе одговорност за застојот. Тој ѝ возврати дека токму владата во која била и таа ги донела „штетните измени“ на Кривичниот законик, додавајќи дека новиот КЗ ќе биде донесен и дека очекува нејзина поддршка за сите други реформи.
Министерот нагласи дека сите закони биле изработени транспарентно, со јавни дебати и без „дубајски висококатници и халкидикски јахти“. Три од клучните законски решенија, за Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и за Јавното обвинителство, веќе добиле позитивни оценки од Венецијанската комисија.
– Во Министерството за правда веќе нема закони за нечии фамилии или поединци. Сè се работи исклучиво во интерес на граѓаните – порача Филков.
Тој се осврна и на Законот за парнична постапка, кој, како што рече, морал да се доработува бидејќи „ако беше добар, ќе го донесевте“. Законското решение повторно е пуштено во владина процедура.
За АКМИС-системот, Филков призна дека постојат неколку дилеми кои треба да се расчистат, но напомена дека системот е воведен за правична и автоматска распределба на предметите. Министерството, како што откри, спровело две контроли во последната година и половина, нешто што, според него, не се случувало со години.
Филков презентираше и бројки за судиите: во последните пет години во пензија заминале 154 судии. Тој ја прозва опозицијата дека токму овие кадри се пензионирани во периодот додека тие биле на власт. Во истиот период во пензија отишле и 53 јавни обвинители.
Одговорот на министерот не ја задоволи пратеничката Тренчевска, која оцени дека наместо одговори добила изговори и предупреди дека земјата има „најлош извештај досега“. Таа побара забрзано носење на законите, потсетувајќи дека 12 важни реформи се уште го чекаат парламентот.
– Ако законите се добри, ќе ги поддржиме. Но мора да ги видиме. Во изминатите една година и седум месеци ништо не направивте – изјави таа од собраниската говорница.