2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА БРЗАТА ПРУГА ТАБАНОВЦЕ-ГЕВГЕЛИЈА Железнички ќе бидат поврзани Петровец, Кочани и Штип
Градежната офанзива којашто е во тек ќе продолжи и со инвестиции во железничкиот сообраќај и изградба на брза пруга. Ќе се реализира многу важен проект од железничкиот сообраќај, артерија на Коридорот 10, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Со инвестиција од околу 2 милијарди евра ќе се гради брза пруга Табановце-Гевгелија. Постоечката пруга ќе се реконструира и ќе се направи уште една паралелна пруга. Во септември ќе стартуваат почетните истражувања на теренот, геолошки истражувања и механизација на теренот за изградба на брзата пруга“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Со брзата пруга е предвидено патнички сообраќај да биде со брзина до 160 километри на час, а товарниот сообраќај до 120 километри на час, се додава во соопштението. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, за 4 до 5 часа до Виена.
„Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 до 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај. Ќе има брз и ефикасен железнички сообраќај од границата со Србија до граница со Грција. Делницата Табановце- Гевгелија ќе се скрати од 235 километри, колку што е моментално долга, а се планира да биде околу 200 километри“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт, се додава.
„Инвестицијата ќе биде 30 проценти британска компонента, вградени британски делови кои се по квалитет второ место во светот, а 70 проценти домашни компании. Согласно проектот ќе има и конектори. Скопје ќе има, ќе се поврзе аеродромот Петровец, конектори во Велес и во Гевгелија. Во втората фаза ќе се пушти Кочани спрема Штип во Велес, за да има како луѓето да доаѓаат до овие централни станици на кои ќе можат да се качуваат за меѓународен сообраќај. Во план се и набавки на возови и локомотиви кои ги задоволуваат европските стандарди“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните, се додава во соопштението.