2.000 евра казна за раководителите на институциите кои нема да примат рамковен административец
Институциите и државните и јавни претпријатија ќе треба да ги усогласат и работните места и организација на работа со планот за примање на административците што ќе им ги понуди Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Државните институции, агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, општините и акционерски друштва во државна сопственост ќе треба да ја усогласат систематизацијата на работните места и внатрешната организација за да ги исполнат обврските кои ги носи за нив предлог законот за распределба на рамковно вработените администратвци кои досега седеа дома и земаа плата.Законот е во собраниска процедура и треба да се донесе во скратена постапка.
Покрај работни задачи за рамковните вработени, институцијата во која ќе бидат распределени ќе треба да обезбеди и плати не пониски од оние којишто ги добиваа досега. Дополнително работните места на овие административци треба да биде на исто ниво на досегашното што го имале во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
2.000 евра е предвидената казна за раководителите на овие инситуции кои нема да ги исполнат условите и не им дадат работни задачи на новораспределените рамковни административци.
Над 1.430 рамковни административци ќе треба да бидат распределени преку Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Ова Министерство ќе треба да подготви список и план во која институција ќе бидат распределени, а да го усвои Владата. Институциите општините и државните и јавни претпријатија ќе треба да го реализираат планот.
Рокот за изготвување на планот е 15 дена од влегувањето во сила на законот. Во Буџетот за следната година за новата распределба на овие административци се предвидени 9,3 милиони евра.
Секој вработен решението за трајно упатување ќе ги добие од Министерството за политички систем и ќе имаа рок од седум дена да го потпише. Доколку го одбие, му се укинува работното место во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и се евидентира на трансфер – листата за можни преземања на Министерството за информатичко општество и администрација.
Со посебен акт ќе се решава судбината на оние кои ќе се најдат на трансфер – листата на МИОА. Министерот Јетон Шаќири најави дека таму рокот за да се прифати новата понуда за работно место ќе биде уште помала, или во спротивно трајно ќе им се раскине работниот однос. Тој сепак не прецизираше колку ќе трае целиот процес.
Над 1.430 административци кои беа вработени според рамковниот договор односно според процентуалната застапеност повеќе од деценија седеа дома и замаа плата. Владите со години се обидуваа да им најдат работни места во администрацијата, но не успеваа во намерата.