19 ЛИЦА СО ДОГОВОР НА ДЕЛО СЕ ВРАБОТИЈА ВО ДЕБАРСКАТА БОЛНИЦА Постојан ангажман добија лекари, сестри, лаборанти и технички персонал
Решенија за вработување во Општата болница во дебар добиле 6 лекари, 6 медицински сестри, двајца лаборанти и четворица припадници на техничкиот персонал.
Во Општата болница со проширена дејност во Дебар, доделени се решенија на 19 лица, кои, со години работеле со договор на дело.
– Повеќе од задоволство и гордост за мене е, да се види насмевка на 19-те лица кои до сега работеа со договор на дело. Како никогаш досега поделени се толку решенија за работа во ист ден. Нема да бидам нескромен, но ќе кажам дека она што беше примарно по преземањето на функцијата директор во нашата болница, денеска стана реалност. Со ова значително го подобруваме и го зајакнуваме капацитетот на болницата, во интерес на жителите од нашето подрачје. Честитки и успех на сите – рече директорот на болницата, Мерсим Колеци.
Како што изјави за МИА, решенија се доделени на 6 лекари, исто толку медицински сестри, како и на двајца лаборанти и четворица технички персонал, додавајќи дека од денес тие ги уживаат сите права и обврски што ги чекаа со години.
Дебарската болница со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа а во итни случаи дава услуги и за жителите на подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Оваа здравствена установа има 177 вработени, вбројувајќи ги и нововработените.