18 ВРАБОТЕНИ КОИ БИЛЕ СО ДОГОВОР ВЕЌЕ НЕ ДОАЃААТ НА РАБОТА Чибишев вели дека завршило времето за „каубојски“ вработувања на Токсикологија

Директорот најави дека негови главни приоритети ќе бидат подобрување на условите на Клиниката за работа, набавка на нова медицинска опрема, воведување нови протоколи на лекување и подобрување на комуникацијата со медиумите и со останатите здравствени институции.

1,111

Клиниката за токсикологија беше во врвот на интересот на македонската јавност, но во негативна аконотација, поради случувањата кои им се добро познати на сите. Меѓутоа, јас немам намера да се занимавам со тоа што било направено во последните 7 години, па да го изгубам цел мандат и ништо да не направам, рече новиот директор на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, денеска на прес конференција.

За 18 вработени кои повторно добија договори за ангажман додека траеше драмата на Токсикологија, Чибишев вели дека работеле со незаконски договори и со тоа се внесувале немир и конфликти меѓу вработените. Од денес тие повеќе не работат на Клиниката. Тој истакна дека лицата незаконски престојувале во институцијата со невалидни договори и добивале плата.






– Со тоа Буџетот на Клиниката е оштетен за околу 650.000 денари. Секој денар ни е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесуиран пред надлежните институции – кажа новиот директор додавајќи дека повеќе нема да има „каубојски“ вработувања и ќе се вработуваат сите според законите на државата, односно преку конкурс.

– Имаме потреба од кадар, како и секоја клиника, но не тие 18 луѓе кои имаа договори. Меѓу лицата кои немаа вработување е биологот. Клиниката има потреба од таков кадар и јас како директор можам да вработам само 1 процент од вкупниот број вработени, па затоа колешката беше ангажирана. Но и натаму имаме потреба од луѓе, се надевам дека ќе можеме што побргу да надополниме со нов кадар – истакна директорот.

Тој соопшти дека новото раководство на Клиниката нема да се занимава со реваншизам, прогон на неистомисленици и со правење опструкции, бидејќи како што вели, кога ја презел функцијата во Клиниката затекнал очајна кадровска и организациска состојба.

Чибишев информира и дека претходната економска директорка Бесија Иљази „не му оставила големи проблеми“.

– Добро е што е сменета и си отишла дома. Не сакам веќе да мислам и да се занимавам со минатото затоа што ќе ми помине мандатот во занимавање со тоа што се случувало седум години. Јас сум тука неколку дена, некои од документите ги прегледав, но не можам сите одеднаш. Мојот тим ќе врши проверка, доколку најде некакви неправилности тие ќе бидат предадени на надлежните институции, доколку не, продолжуваме со работа – рече Чибишев.

Директорот најави дека негови главни приоритети ќе бидат подобрување на условите на Клиниката за работа, набавка на нова медицинска опрема, воведување нови протоколи на лекување и подобрување на комуникацијата со медиумите и со останатите здравствени институции.

Поврзани содржини