18 СПОРНИ ХОНОРАРЦИ ДОБИЈА ПЛАТА САМО СО ЕДЕН ПОТПИС Хаосот се продлабочува на Клиниката за токсикологија
Осумнаесетте медицински сестри и болничари на Клиниката за токсикологија кои имаат невалиден договор за вработување со потпис само на организациската директорка Бесија Иљази, добија плата, и покрај реакциите на надлежните институции дека не се легитимни нивните договори на дело, информираат вработени во клиниката преку писмо до јавноста.
„Извршена е исплата на сите 18 лица за периодот 15 април – 15 мај 2024 година, иако во истиот период немаа валиден договор со Клиниката и не исполнуваа ниту една од своите работни задачи, а дел од нив се уште користат „годишни одмори“ иако користењето на платен годишен одмор е неспоиво со договор на дело. Иако во горенаведениот период на Клиниката се уште имаше медицински директор, исплатата е извршена без негов потпис и одобрение“, се наведува во писмото.
Според вработените на клиниката, Иљази продолжува со лошото менаџирање, а клиниката тоне во хаос.
Освен исплатените плати, спорено е и што овие вработени на распоредите за дежурства биле ставени да работат само во дневните смени, но не и во ноќните часови, празници и во викенди кога на клиниката имало најмногу работа.
„На распоредот за дежурства на медицински сестри, сите медицински сестри со договор на дело се ставени со работни задачи само во дневните смени, што е еклатантен доказ дека реално нема никаква потреба од истите, бидејќи работниот процес 24/7 се одвива и без нивното присуство. Со дезорганизацијата која ја направи организационата директорка половина месец, Клиниката ќе биде без болничар во ноќните часови, кога фреквенцијата е најголема“, пишуваат вработените.