18-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ Е ОСОМНИЧЕН ЗА АТЕНТАТОТ НА ЦРНОГОРСКИОТ МАФИЈАШ Пуштена е потерница по Андреј Танасковски
Црногорската полиција апелира до граѓаните да пријават доколку го забележат Андреј Танасковски или ако им побара сместување и предупредува дека секое прикривање или помагање на неговиот престој или движење претставува кривично дело со законска одговорност.
Андреј Танасковски (18) од Северна Македонија е осомничен за обид за убиство на црногорскиот мафијаш Марко Љубиша, познат како Кан (56), објави Телеграф.
По него во тек е интензивна потрага, а полицијата ги повика граѓаните веднаш да пријават доколку имаат какви било информации за ова момче.
За потсетување, Кан беше ранет пред 8 дена, на базенот на хотелски комплекс во Пржно, а вооружениот напаѓач, за кого се верува дека е Андреј Танасовски, побегнал.
„А.Т. со употреба на огнено оружје испукал 2 проектила во правец на М.Љ., кој при тоа задобил повреди на главата. По извршувањето на кривичното дело, А.Т. побегнал во непознат правец,“ соопштија од Управата на полицијата.
Се верува дека атентатот на Кан бил однапред испланиран.
„Постојат основи за сомнеж дека непосредниот извршител на кривичното дело, А.Т., при планирањето и подготвителните дејствија, како начин за инфилтрација во спроведувањето на криминалните активности, го искористил престојот како гостин на хотелот со фалсификуван документ – лична карта на име Ј.Г., како државјанин на Република Србија,“ изјавија од Управата на полицијата.
Според сознанија на медиумите, тој користел лажен идентификациски документ во кој биле внесени податоци на државјанинот на Србија Јован Г., роден во септември 2006 година.
Андреј се товари за обид за убиство, недозволено поседување и носење оружје и експлозивни материи, како и за фалсификување исправа.
Полицијата со апел до граѓаните
Полицијата упати апел до граѓаните да пријават доколку го видат Танасковски или ако им побара сместување, и предупреди дека секое свесно прикривање информации може да биде кривично дело. Полицијата нагласи дека од овој момент, секое понатамошно постапување или свесно прикривање информации за движењето или за престојот на Танасковски, вклучително и обезбедување услуги за сместување, може да претставува кривично дело – помагање на сторител по извршено кривично дело, што повлекува законска одговорност.
Не го криел лицето
За потсетување, момчето за кого се сомнева дека пукал во Кан наводно не го криело лицето, па го снимиле безбедносните камери на хотелот во Пржно каде што се случил нападот.
Минатиот четврток, околу 19 часот, напаѓачот бил на лежалка оддалечена околу 20 метри од целта. Во еден момент се спуштил по скалите, се прикрал зад Кан на помалку од еден метар и отворил оган. Поради случајна околност, кога го извадил пиштолот, се лизнал на мокра плочка и промашил.
Се сомнева дека ја следел жртвата, чекајќи погоден момент за напад. Потоа, напаѓачот побегнал по рабницата на базенот, ја прескокнал оградата и го продолжил бегството.
📽️ ГО ЗАСТРЕЛАЛ ВО ГЛАВА, НО СЕ СПАСИЛ Откриен човекот кој го рани Марко Љубиша „Кан“ во Будва