18.000 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ШЕСТ КВАРТАЛИ Стојановски оцени дека економијата се движи во позитивна насока
Пратеникот очекува, како што вели, трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во наредниот период и додава дека паралелно со растот на вработеноста, се намалува и невработеноста.
Во изминатите шест квартали во Република Македонија се креирани околу 18.000 нови работни места.Бројот на вработени порасна од околу 691.000 на над 709.000 граѓани кои денеска се во работен однос.Ова е јасен показател дека економските политики даваат резултат и дека економскиот раст се претвора во реални можности за работа и подобар стандард за граѓаните, изјави денеска Бојан Стојановски, пратеник од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
тој вели дека овие позитивни трендови не се случајни.
-Тие се резултат и на инвестициите кои се реализираат во државата, особено во индустријата, инфраструктурата и технолошко-индустриските зони, но и на политиките на владата за меки кредити кон стопанството и успешниот план за раст. Во моментов имаме договорени 17 инвестиции во ТИРЗ зоните, кои во наредниот период треба да донесат околу 5.000 нови работни места – вели Стојановски.
Според него, трендот на отворање нови работни места ќе продолжи и во наредниот период и додава дека паралелно со растот на вработеноста, се намалува и невработеноста.
-Според последните податоци, стапката на невработеност е намалена на 11,4%, што е значително подобрување во однос на претходните години. Со други зборови, имаме повеќе луѓе кои работат, повеќе инвестиции во економијата и постепено намалување на невработеноста.Нашата цел останува јасна – да продолжиме со политики кои носат инвестиции, отвораат нови работни места и создаваат стабилна економија во која граѓаните ќе имаат сигурност и перспектива- рече Стојановски.
Тој најави дека владата ќе продолжи да го поддржуваа стопанството, со нови инвестиции и со мерки кои ќе придонесат за уште поголема вработеност и економски раст.