И годинава во сите скопски општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, во периодот 30.07- 01.08.2020 година, Претпријатието ќе постави посебни контејнери со зафатнина од 5м3 во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад, информира на прес конференција директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
– Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на вирусот ковид 19, неконтролираното одлагање органски отпад може да доведе до низа штетни последици врз нашата животна околина и здравјето на граѓаните. Минатата година, ЈП Комунална хигиена-Скопје за прв пат постави специјални садови каде што верниците го исфрлаа својот органски отпад за време на празнувањето на празникот Курбан Бајрам и бевме многу задоволни од резултатите на оваа акција, што придонесе значително да се намали одлагањето органски отпад на јавни површини – изјави Шабани.
Тој додаде дека поради тоа и годинава ќе се постават 17 вакви садови на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај, за екипите на Коминална хигиена да бидат во можност навремено да го подигнат и да го транспортираат овој вид отпад и на тој начин да се избегне евентуалното ширење на заразни заболувања и непријатната миризба.
На прес-конференцијата присуствуваше и скопскиот муфтија Кенан Исмаили, којшто упати апел до сите муслимански верници да не го исфрлаат својот органски отпад на јавни површини и на тој начин да придонесат за заштитата на своето и здравјето на своите најблиски.
Во Шуто Оризари ќе бидат поставени 3 контејнери и тао на последна 19-ка, кај маркет „Харбин“, и до подвозникот.
Во Бутел 2 контејнери и тоа во близина на Џамијата Фетах Ефенди и Џамијата Бедр – Бутел 1.
Во Гази Баба 2 контејнера, кај Џамија Сингелиќ и кај Стадионот Гази Баба.
Во Чаир 4 контејнери, кај поранешната локација на ЈПХКС, во близина на ресторанот „ФА-ФА“, новата Џамија во Чаир и во близина на Теќето во Дуќанџик.
Во Сарај 5 контејнери и тоа кај старата општина Сарај, Медресе Иса Бег – Кондово, во село Свиларе до гробиштата и во Долно Нерези.
Контејнер ќе биде поставен и кај поранешното седиште на Скопското муфтиство – Кале.