17-ГОДИШЕН УЧЕНИК СО НОЖ ПОВРЕДИЛ СОУЧЕНИК Крвав инцидент во Кичево, малолетник заврши во болница
Тинејџер на 17 години со остар предмет повредил 15-годишен ученик во средно училиште во Кичево. Полицијата интервенирала веднаш, а против напаѓачот ќе биде поднесена кривична пријава за насилство.
15-годишен ученик од Кичево заврши во болница со телесни повреди, откако беше нападнат од 17-годишен ученик со остар предмет во просториите на едно средно училиште во градот.
Инцидентот се случил на 6 октомври 2025 година, околу 11:45 часот, кога меѓу двајцата тинејџери настанала жестока вербална расправија која брзо прераснала во физичка пресметка. Во моментот на кавгата, постариот ученик извадил остар предмет, најверојатно нож или сечило, и го нападнал помладиот ученик, нанесувајќи му видливи телесни повреди.
Погодениот ученик бил веднаш пренесен во кичевската болница, каде што му биле констатирани телесни повреди, но среќа во несреќа – не бил во животна опасност.
Полицијата реагирала веднаш по пријавата и го привела 17-годишниот напаѓач, при што од него бил одземен остриот предмет со кој го извршил нападот.
Според информациите од ОВР Кичево, случајот е целосно документиран и против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик.