160 ПАЦИЕНТИ ЧЕКААТ БУБРЕГ Пропаднале повеќе трансплантации зашто семејствата на погодни донори на крајот се премислиле
Во европските земји бројот на трансплантирани пациенти е 50 до 60 проценти, а во Македонија е само 13 до 14 проценти. Македонија издвојува 25 милиони евра годишно за хемодијализа што би се намалило ако се пресадат повеќе бубрези.
Треба да се зголеми јавната свест за органодарителството особено за кадаверичната трансплантација односно трансплантацијата од починато лице. Направени се измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување со цел да се олесни пристапот до донор и да се зголеми прагот односно да може да донираат и подалечни роднини. Се очекува до крајот на април тие да бидат изгласани во Собранието. Се разгледува и можноста за донорска картичка која ќе значи дека волјата на секој ќе биде таа која ќе доминира откако тој ќе почине, а не членовите на семејството, имајќи предвид дека во последните месеци има серија одбивања од семејства за давање согласност за донирање.
Ова беше истакнато денеска на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот, што се одржа на Универзитетската клиника за нефрологија.
Директорот на Клиниката, Никола Ѓорѓиевски рече дека 160 пациенти чекаат за трансплантација на бубрег, но активни се под 100, со оглед на тоа што некои имаат одредени коморбидитети и потребно е да направат дополнителни испитувања. Тој посочи дека трансплантацијата е бенефит за целокупното општество. Во европските земји, појасни, бројот на трансплатирани пациенти е 50 до 60 проценти, а во Македонија е само 13 до 14 проценти од вкупниот број.
– Сумата која се троши за хемодијализа е неспоредлива. Во првата година идентично чини пациент кој е на хемодијализа и на бубрежна трансплантација, но наредните години кога ќе имаме комплетна рехабилитација на трансплантираниот пациент цената се намалува за три до четири пати. Во Македонија ако има во една година и десет и 20 кадаверични трансплантации ние сме подготвени да ги направиме. Имаше ситуации кога жена може да донира на сопруг, но прв братучед не може да донира бидејќи е четврто колено. Во таа насока се тие измени за да се направи за трансплантација од жив донор да се зголеми прагот односно колената кои можат да трансплантираат – истакна д-р Ѓорѓиевски.
Светскиот ден на бубрегот годинава се одбележува под мотото „Здрави бубрези за сите, да се грижиме за нашите пациети, да се грижиме за нашата средина“.
– Околу 180.000 жители имаат бубрежно заболување во државава од кои само еден процент побаруваат бубрежна замастителна терапија. За изминатиот период 1.500 пациенти во Македонија се на хронична хемодијализа, 300 пациенти се со трансплантиран бубрег, а 20 се со перитонеалната дијализа. Како клиника, заедно со Владата и со Министерството за здравство работиме да се унапреди процесот на бубрежна трансплантација. Со донирање органи овозможуваме овие пациенти да добијат нов живот и да имаат целокупна, медицинска, социјална и психичка рехабилитација – рече д-р Ѓорѓиевски и упати апел за зголемување на јавната свест за органодарителството особено за трансплантацијата од починато лице.
Националниот координатор за трансплантација Билјана Кузмановска рече дека и годинава даваат посебен акцент на бубрежната трансплантација. Имаат седум болнички координатори, национален координатор, и заменик национален координатор и ги следат постојано потенцијалните дарители. За жал, потенцира таа, во последните месеци има серија одбивања од семејствата за давање согласност на донори кои беа комплетно обработени и погодни за трансплантација.
– Жално е кога се подготвувате неколку денови да трансплантирате, сите тимови се подготвени, а на крај семејството нема да даде согласност. Апелираме секој да си размисли за себе, да разговара со своето семејство, да го искаже својот став во однос на органодарителство после смртта. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден човечки живот згаснува. Размислуваме да се впуштиме во поголеми активности, кампањи како директно со граѓаните и преку медиумите за зголемување на свеста за органодарителство. Во подготовка се и измени на законот за трансплантација, каде покрај тоа што стои во него дека сите сме потенцијални донори би дозволиле и донорска картичка, односно регистар на донори, па кога ќе дојдеме во ситуација да разговараме со семејството сепак волјата на починатиот да биде таа која ќе доминира, а не волјата на други луѓе. Еден донор може да спаси осум животи – истакна д-р Кузмановска.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека се направени измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.
– За жал, моменталната законска регулатива е многу комплицирана, а комплициран е и начинот да се дојде до донор. Го зголемуваме нивото за тоа кој може да биде жив донор односно може да се оди плус едно ниво подоле на таа линија на семејна врска. Мислам дека законот до крајот на април ќе биде во собраниска процедура и дека ќе биде изгласан и дека со тоа ќе биде олеснет пристапот до донор. Се ангажираме во здравствениот систем за граѓаните да имаат поголема доверба. Многу поквалитетен живот имаат пациентите кои имаат трансплантиран бубрег отколку пациентите на хемодијализа. Како држава одвојуваме 25 милиони евра годишно за хемодијализа. Загрижувачки се фактите дека листата на чекање на пациенти кои имаат потреба од дониран бубрег се зголемува, а се намалува листата на потенцијални донори. Затоа апелираме да се зголеми свеста за органодарителство – рече Алиу.
Тој додаде дека од техничка и инфраструктурна гледна точка се многу блиску до европските стандарди за ваков тип клиники и дека ќе продолжат да инвестираат во човечки капацитите, во инфраструктура и во технологии за да може граѓаните во реално време да добиваат здравствени услуги.