16-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ТЕРОРИЗИРАНО СО МЕСЕЦИ Злоупотребена и уценета од најмалку 17 лица
Полицијата истражува сериозен случај на сексуална злоупотреба и уцена со интимни материјали врз малолетно девојче од Општина Липково.
Шеснаесетгодишно девојче од село во Општина Липково со месеци било жртва на сексуална злоупотреба, закани и уцени од поголема група лица, пренесува Алсат.
Според информациите на медиумот, злоупотребата започнала уште во јуни минатата година, а осомничените, користејќи се со интимни видеа и фотографии, го принудувале девојчето да им дава пари и да извршува сексуални услуги.
Случајот излегол на виделина во неформални околности, по што семејството на малолетничката поднело пријава до надлежните институции. Според неофицијални информации, пријавата ја поднел таткото на девојчето, откако дознал за траумата низ која поминувала неговата ќерка.
Полицијата досега привела едно лице, а истрагата се проширува. Станува збор за 31-годишен жител на селото Слупчане, кој е уапсен на 2 јануари во Куманово.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот ѝ се заканувал на малолетничката дека ќе објави експлицитни фотографии доколку не му даде пари.
„Се постапува по пријава за упатени закани и уцена кон малолетно лице со цел стекнување противправна имотна корист“, велат од МВР.
Според досегашните сознанија, во случајот се опфатени најмалку 17 лица, а надлежните најавуваат дополнителни приведувања. Се работи за сериозни кривични дела за кои законот предвидува затворска казна до 10 години, а во случаи кога делото е сторено од група, казните се значително повисоки.
Истрагата е во тек, а институциите најавуваат дека ќе се постапува решително со цел целосно расчистување на случајот и заштита на жртвата.