16-ГОДИШНИК ВОЗЕЛ БЕЗ ДОЗВОЛА И ПРЕДИЗВИКАЛ НЕСРЕЌА Малолетник направи судир, повреден 21-годишен возач
Сообраќајната незгода се случила на крстосница во Скопје, а повредениот возач бил пренесен во ГОБ „8 Септември“.
Малолетник од Скопје е лишен од слобода откако, управувајќи автомобил, ја загрозил безбедноста во сообраќајот и предизвикал сообраќајна незгода во главниот град.
Несреќата се случила на 22 декември околу 16:20 часот на крстосницата меѓу улицата Индира Ганди и сервисната улица што ја поврзува со Вашингтонска. Во судирот учествувале патничко возило „фолксваген голф“, управувано од 16-годишно момче од Скопје, и „ауди“ со скопски регистарски таблички, зад чиј волан бил 21-годишниот Р.А. од Скопје.
Како последица на судирот, возачот на „аудито“ се здобил со телесни повреди и бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде што му била укажана медицинска помош.
По извршениот увид на местото на настанот, полицијата утврдила сомнение дека малолетникот ја загрозил безбедноста во сообраќајот, поради што, по наредба на јавен обвинител, тој бил лишен од слобода. Со малолетникот бил извршен службен разговор во полициска станица, во присуство на родител и адвокат.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава за кривично дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“ по член 297 од Кривичниот законик.