16 ФИНАНСИСКИ ГИГАНТИ САКААТ ДА ЈА ФИНАНСИРААТ БРЗАТА ПРУГА Проектот од 1,91 милијарда евра за Коридорот 10 добива силна поддршка
Министерството за финансии потврдува дека 16 финансиски институции и банки доставиле писма со интерес за финансирање на историскиот железнички мегапроект.
Министерството за финансии информира дека 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки доставиле официјални писма за изразување на интерес за учество во финансирање на мегапроектот за изградба на брзата железничка пруга долж Коридорот 10.
Проектот е еден од најголемите во транспортната инфраструктура во историјата на земјава, со проценета вредност од 1,91 милијарда евра, и предвидува модерна, брза железничка врска што ќе ја поврзе Македонија со регионот и пошироко со ЕУ.
„Ова е јасен сигнал дека сме на добар пат. Ваквиот одѕив покажува дека проектот е препознаен како реален, стратегиски и исплатлив за меѓународната финасика заедница“, соопштија од Министерството за финансии, истакнувајќи дека довербата која ја добива државата на меѓународен план е резултат на реформите и транспарентниот пристап.
На 24 финансиски институции, меѓу кои светски познати развојни банки и комерцијални гиганти, им било доставено официјално писмо за барање интерес со краен рок до 7 јули 2025 година. Процесот се спроведува врз основа на заклучок на Владата, а целта е да се обезбеди оптимално финансирање за реализација на пругата, која ќе претставува клучен дел од европската железничка мрежа.
Покрај писмото, Министерството за финансии испратило и детална документација, вклучувајќи го и образложението за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое било одобрено и разгледано од Владата.
„Во наредниот период ќе спроведеме детална анализа и евалуација на пристигнатите понуди. Наша цел е да се избере најдобрата структура за финансирање, која ќе ги задоволува критериумите за ефикасност, одржливост и заемна корист“, посочуваат од Министерството за финансии, потенцирајќи дека Владата има јасна визија – модерна, зелена и поврзана Македонија.