155 ЛИЦА ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА ЌЕ СЕ ВРАБОТАТ ПО ИЗБОРИТЕ На Болницата ѝ требаат повеќе од 300 луѓе
Министерството вчера објави дека хонорарците имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година и дека е обезбедена согласност од Министерството за финансии за вработувањата во Клиничка болница Тетово.
Медицинскиот персонал кој со години работи со договор на дело во тетовската клиничка болница, решение за трајно вработување ќе добие по локалните избори, изјави денеска во Тетово, министерот за здравство Азир Алиу.
Министерството вчера објави дека хонорарците имаат валидни договори за вработување на определено време до 31 декември 2025 година и дека е обезбедена согласност од Министерството за финансии за вработувањата во Клиничка болница Тетово. Направени се тестирањата на кандидатите на 7 јули 2025 година, а постапката за вработувањата е ставена во мирување поради распишувањето на локалните избори.
– Во моментов поради законските пречки ќе треба да почекаме локалните избори да поминат и понатаму да се продолжи уште последниот чекор во оваа постапка. Нема да завршиме тука, бидејќи анализите покажуваат дека во Тетово има потреба од над 300 вработени. Ние ќе отвориме и друга постапка сѐ со цел да може да се намали тој јаз меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата – рече Алиу.
Според него, за 155 работни места се пријавиле 290 кандидати, па затоа по изборите ќе има и уште еден конкурс за вработување медицински персонал.
– Тие се дел од инфраструктурата, дел од болница во Тетово и тие веќе работат и ќе работат до тогаш, тие беа дел од процесите за да можат да бидат вработени од нив 155. Со другите најверојатно ќе почнеме уште една процедура, бидејќи има потребите за човечки капацитети – рече Алиу.
По новинарските написи за штрајк на вработените во пералницата при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, поради неисплатени плати, министерот одговори на новинарско прашање дека утринава разговарал со нив со цел да продолжат со работа, како и да се најде решение.
– Владата ме задолжи и како министерство и како министер да почнам преговори со приватната компанија со која има јавно приватно партнерство за да најдеме решение. Тоа приватно партнерство со таа компанија датира од 2019 година, досега немаме никаков резултат и сега треба да видиме дали е пречката во административните процеси или од наша страна како партнер во овој проект или од страна на приватниот партнер. Колегите вработени кај нас веќе од денес се на работа и ќе го чекаме исходот што ќе биде брзо, најверојатно максимум за недели – истакна Азир Алиу.
Тој денеска одржа работна средба со директорот на Клиничка болница Тетово, Ерзен Елези и со градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами со цел да се разгледаат приоритетите за инфраструктурно унапредување на здравствената установа и реконструкција на постојните капацитети.
На работната средба се разговарало за приоритетите на Клиничката болница Тетово за инфраструктурно унапредување со два нови објектa, како и за реконструкција на постојните капацитети.
– Веќе помина на седница на Влада информација за 205 милиони евра за инвестиции во Тетово, Кичево и Штип. Денеска сме тука на работна средба заедно со градоначалникот на општина Тетово и со работната група доктори и администратори, за да видиме кои се потребите од функционална и од инфраструктурна гледна точка. Работната група ќе креира извештај за да може да се буџетираат сите потреби неопходни за болницата, изјави министерот Алиу.
Вкупната инвестиција за Тетово изнесува над 70 милиони евра, за целиот кампус, односно за две нови градби и три постојни инфраструктурни објекти коишто треба да се реновираат.
Во рамки на проектот за инфраструктурно унапредување на јавното здравство, во Клиничка болница Тетово е предвидена доградба на два нови павилјона за специјализирани услуги како онкологија, инфектологија, дерматологија, психијатрија и гинекологија, како и реконструкција на постојните хируршки и интернистички блокови и целосно инфраструктурно и партерно уредување.