Во Клиничкиот болнички центар во Ниш на интензивна нега15 пациенти се лекуваат од труење со амонијак. Од нив 12 се возрасни, а три се деца. Никој не е во животна опасност си сите имаат стабилни параметри, јавуваат српските медиуми, повикувајќи се на болнички извори.
Министерството за внатрешни работи на Србија во неделата соопшти дека околу 17 часот и 30 минути, на делот од пругата од Пирот до село Станичење, кај местото Сопотски хан, од вагон на воз кој превезувал амонијак дошло до истекување на гас и високи концентрации на гас во атмосферата.
Според синоќешните информации од Одделението за вонредни состојби, pо оваа несреќа во болниците биле згрижени вкупно 51 лице.
Фабриката за вода во Ниш синоќа по 21 часот е исклучена, а според информациите, нема опасност за водоснабдувањето на Ниш, особено што градот се снабдува од три извори, додека четвртиот во моментов е превентивно блокиран.
Според последните податоци, првото земање мостри од Нишава покажува дека нема амонијак, јавува дописникот на Танјуг од Ниш.
Според проценките, дури и да има амонијак во водата, тој не може толку брзо од изворот да стигне до потрошувачите.
Градоначалникот на Пирот, Владан Васиќ, изјави дека од една цистерна сѐ уште тече амонијак, а мерењата покажуваат дека концентрацијата на амонијак во Пирот е на нула.
На местото на инцидентот се екипи на Секторот за вонредни состојби. Четирите цистерни од кои синоќа истече амонијак се надвор од шините, но ниту една не завршила во реката.
– Важно е луѓето што помалку да излегуваат од дома, иако состојбата со амонијакот, според мерењата во Пирот, е нула. Oсобено e важно да се избегнува приближување кон клучката Пирот-Запад. Полицијата го блокираше автопатот – соопшти градоначалникот.