15 ВОЗАЧИ ПРИВЕДЕНИ ЗА ЕДЕН ДЕН Малолетничка фатена зад волан без дозвола
Возење без дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол, засилени контроли низ повеќе градови.
Вкупно 15 возачи биле приведени вчера низ државата поради сериозни прекршоци во сообраќајот – возење без возачка дозвола, управување со активна забрана, возење под дејство на алкохол и управување нерегистрирани возила.
Најголем дел од приведените биле зад волан без положен возачки испит. Двајца биле фатени во Тетово, а по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци. Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
Дополнително, по еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале забрана за управување од Б категорија. Во Богданци бил запрен возач со нерегистрирано возило.
Во Крива Паланка бил приведен возач кој возел под дејство на алкохол и без возачка дозвола, додека во Куманово бил фатен возач кој управувал нерегистрирано возило без дозвола. Во Македонски Брод, пак, полицијата запрела лице кое возело под дејство на алкохол и покрај тоа што имало активна забрана за управување.
Сите лица биле приведени во полициска станица, а возилата им биле одземени. По комплетирањето на случаите, против нив ќе следуваат кривични пријави.
Од полицијата повторно апелираат граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и да не седнуваат зад волан без дозвола, со изречена забрана или под дејство на алкохол.