15 МИНУТИ СЛАВА

Кога ќе ја сведете државата на еден таков „западен светоглед“ виден со очите на неизживеани и неморални провинцијалци, го добивате ова што го имаме денес. А децата трескавично го живеат својот дел од тој „светоглед“, очекувајќи ги нивните 15 минути слава, или „слава“, како сакате. И ги добиваат. За жал, и на ваков ужасен начин.

1,065

Не знам дали со неговата позната реченица дека „во иднина секој ќе биде славен во светот за петнаесет минути“ Енди Ворхол мислел и на овој тип „слава“ што деновиве се случува во Србија, но и кај нас со, за среќа, не такви трагични размери. Во САД, неговата татковина, тој тип на „слава“ одамна стана секојдневие. Нашите деца, очигледно, се движат по таа острица на „западните вредности“, прифаќајки ги како свои. Ние – а под тоа „ние“ ги подразбирам македонските власти, сите, последниве петнаесетина години – во тоа сесрдно им помагаме, речиси ги охрабруваме!

Целото општество е „димензионирано“ како монструозна, искривена копија на некаков Запад, за којшто „креаторите“ и промотерите немаат ама баш никакви познавања или ги имаат низ перспективата на нивните опинци преку ноќ заменети со скапи „Vuitton“ или „Testoni“ чевли. Кога ќе ја сведете државата на еден таков „западен светоглед“ виден со очите на неизживеани и неморални провинцијалци, го добивате ова што го имаме денес. А децата трескавично го живеат својот дел од тој „светоглед“, очекувајќи ги нивните 15 минути слава, или „слава“, како сакате. И ги добиваат. За жал, и на ваков ужасен начин.






Не можете да не се согласите со еден пост на Геровски дека „ние ништо, или речиси ништо не знаеме за нашите деца, посебно за оваа генерација тинејџери“. И секој родител (ќе) си го носи тој свој крст низ животот. Плус – товарот дека државата/општеството сме ги препуштиле на милост и немилост на криминалци, незнајковци, аморални и неспособни уличари маскирани во ЕУ душегрижници и прогресивци. Тогаш државата/општеството како вредност на децата им нуди избор помеѓу петнаесет минутна „слава“ или богатство стекнато преку криминал!

За жал, но ние ништо не знаеме, и не сакаме да знаеме, ни за светот, па нека е и овој западниов што ни го издигаат на некаков пиедестал прогласувајќи нѐ за евроскептици, за еврофоби, за „патопсихолошки случаи“ итн. Тие имат нивни „методи“, нивни „кадри“ проверени низ партиските штабови кои веднаш повикуваат на „акција“. Каква – не е важно, важно е (божем) да се реагира, да се крене партискиот глас, иако сето тоа доаѓа апостериори и е до зла бога неуко и предимензионирано. Да не речам хистерично. И веднаш (ќе) забрануваме сѐ што може дури и да заличи на потенцијална опасност од сличен вид. Дури (во соседството) ќе воведуваат и – смртна казна. Но прво „госпожата“ премиерка во Белград ќе ги обвини социјалните мрежии, а кај нас веднаш ќе се појават слични кои ќе бараат итна забрана прво за тик-ток. За другите – ќе видиме подоцна. Сопствената неспособност ја решаваат со забрани.

И се разбира, министерот за образование – оној истиот кој две години не успева на учениците да им обезбеди учебници – веднаш ќе се „закачи“ за таа сламка и ќе прави „итни проценки“ на безбедносните ризици од социјалните мрежи. Не му текнува да направи проценка на штетите од немањето учебници. Или на немањето обезбедување во училиштата. Дури и кога имаше закани од бомби. Тогаш мерката беше: промена на меил адресите! И замислете, не дај боже, некоја закана да беше вистинита, ама стасала на веќе променетата адреса? Ние сме општство на реакција, не на акција!

Додека не се случи трагедија, немаме власт. Односно имаме, ама таа служи за други работи: за „историски проекти“ без фиксна цена, за купување државно земјиште по багателна цена, за бескрупулозно самопокачување на платите, за немањето средства за полициско обезбедување на училиштата… Истите оние „експерти“ кои со години ги преспиваа(т) сите проблеми (не само) во училиштата, па дури и персони кои разводот го прогласуваа за патолошка општествена појава а разведените за психопати, сега повторно срипаа од дремката и делат лекции на сите страни.

И тоа е редовна појава после секоја трагедија кај нас: после автобуските несреќи, после онаа поплава кај Стајковци, по катастрофалните земјотреси во соседството… итн. Секогаш кај нас хистеријата трае два-три дена, власта се појавува како џокер што веднаш ќе ги превенира идните такви трагедии преку стратегии и здружени акции. Впрочем, колку примери на вресничко насилство – за среќа не со онакви димензии како во Србија – имавме изминативе неколку години? Од булинг до меѓуетнички тепачки, од неодамнешното силување на малолетник од страна на негови врсници во Скопје до пријавени физички напади во Тетово, а целиот општествен ангажман се сведува на ветувања за „итна акција“ која што по правило никогаш не се случува. И што беше тешко да се отвори таа фамозна спасителна и-меил адреса пред две-три години? Ако пак тоа бил „клучот“ за превенција, колку ли такви „адреси“ отвори Норвешка после оној Бревик? И конечно, како што некои од нашиве „експерти“ умееа да го вознесуваат до небо нивниот екс-лидер дека е „Храбар, мудар и доблесен секогаш да се соочи со секој предизвик“, можат ли сега тие да се соочат со себеси?

Меѓутоа, децата не се така неуки и неинформирани како што мисли власта и нејзините „кадри“. Некогаш треба и да се слушнат нивните предлози: на пример овој за тестирање на училишните психолози и социолози дали се подготвени односно дали знаат да се справат со проблемите на учениците. Но тоа е само еден сегмент што веројатно повторно би го развиорил орото со општите состојби во образованието, со мизерните плати на учителскиот и наставничкиот кадар, со условите за работа… итн. Па некој ќе праша: а како се најдоа толкави пари за она бесрамно покачување на платите на функционерите а никогаш нема за образованието, културата, науката и здравството? И понатаму, ако го прифатиме тој предлог, пак некој ќе праша зошто истата мерка што ја нуди Сојузот на средношколците не би ја примениле и во другите ресори/области? На пример во судството, во државната администрација, во Собранието…? Или таму нема трагедии со такви размери? Ама има, некогаш и поголеми и со подолгорочни последици, а „славата“ не трае само 15 минути.

Ако се започне со таква разврска каква замислуваат и бараат децата, од ова „општество“ ќе остане прав и пепел. Плус оние 15 минути слава за сите криминалци (и нивните семејства)  што поминаа преку македонската политичка сцена. Ама што се 15 минути према цел еден живот и зошто власта да си го ускратува тоа задоволство? Затоа нивните „експертски“ пулени повторно ќе ја замајуваат јавноста со стратегии и итни акции, со имеил адреси и дежурни телефони на коишто никој не се јавува, ќе ги тешат децата дека нивните лидери бдеат над нив. Да, веројатно, како оној „храбрион и мудрион“, како овој „мирољубивиов“ или некој трет…, ама сите до зла бога неуки, неспособни, незаинтересирани за ништо што би им ги пореметило долгорочните криминални планови.

А впрочем, колку долго трае македонското сеќавање? Два-три дена? На пример: го спомнува некој групното малолетничко силување од пред десетина дена? И што, и како ќе му помогнеше на тоа кутро дете оваа новосмислена имеил адреса?!? Или забраната на тик-ток? За жал, ова општество е длабоко, длабоко болно. Од врвот па надолу, пирамидално, и безнадежно.

 

извор: Теодосиевски уметност

 

 

Поврзани содржини