15 ГОДИНИ НЕ Е АЖУРИРАНА ЛИСТАТА НА ЗАБРАНЕТИ СУПСТАНЦИ ВО КОЗМЕТИКАТА И ВО ДЕТСКИТЕ ИГРАЧКИ Купуваме ли токсични производи за деца и за хигиена?
Загрижувачки е фактот што ниту една од постоечките лаборатории во земјава нема опрема за испитување на супстанциите фталати и бор кои се забранети во детските играчки, што претпоставува дека во земјава може да се најдат увезени играчки кои ги содржат тие супстанци.
Земјава има листа на забранети супстанци во детски играчки и козметички производи, но нема опремени лаборатории за испитување на сите забранети супстанци. Алармантно е и тоа што, поради законски пропуст, листата од нејзиното воспоставување пред 15 години ниту еднаш не е обновена иако во рамки на Европската Унија таа се обновува периодочно, што претпоставува и дека кај нас се дозволени супстанци штетни по здравјето на луѓето, кои веќе се забранети.
Ова е најзагрижувачкото откритие на ревизорите при ревизијата на финансиското работење на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во кој се наведуваат и низа други пропусти во работењето и екипираноста на оваа значајна државна институција.
Македонската листа на забранети супстанци содржи 1.600 супстанци. Листата на ЕУ, пак во овие години е повеќекратно обновена и сега брои вкупно 1.751 забранета супстанца.
„Поради тоа постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанции за кои на територија на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а истите да не се забранети на територијата на нашата држава“, се наведува во извештајот.
Загрижувачки е фактот што го истакнуваат ревизорите дека ниту една од постоечките лаборатории во државата нема опрема за испитување на супстанциите фталати и бор кои се забранети во детските играчки, што претпоставува дека во земјава може да се најдат увезени играчки кои ги содржат овие супстанци.
Фталатите се група индустриски хемикалии што имаат широка примена како пластификатори за да ја направат пластиката флексибилна и трајна. Тие најчесто се додаваат за подобрување на мирисите и текстурата на производите. Во групата спаѓаат голем број хемикалии со различни карактеристики и примена. Нив може да ги има во мрсните боички, играчки на дување, глина за моделирање и мастилата, но и во сапуните, шампоните, спрејовите за коса, парфемите и во лаковите за нокти, како и во детергентите, освежувачите на воздух, маслата за подмачкување, амбалажата за храна и облеката и во голем број други производи.
Во научните студии е утврдено дека одредени фталати влијаат врз репродуктивниот систем на животните и поради тоа тие се класифицирани како токсични за репродукција, а тоа значи дека може да ја нарушат плодноста кај луѓето и да предизвикаат оштетувања кај нероденото дете.
Освен тоа, некои токсични фталати може да ја менуваат функцијата на хормоналниот систем и како последица да предизвикаат несакани здравствени ефекти кај здрав организам или кај негов потомок.
Со епидемиолошките студии е утврдено дека изложувањето на одредени фталати е поврзано со дебелината, резистентноста на инсулин, астмата, нарушувањето поради недостиг на внимание и нарушувањето во вид на хиперактивност поради недостиг на внимание.
Ревизорите утврдиле дека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) врши само ограничен број анализи и тоа: микробиолошка исправност на производите, определување на содржина на само неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром), pH-вредност и определување на содржина на површинско активни материи. Од вкупно 10 Центри за јавно здравје на територијата на државата, неколку се опремени да вршат само контрола на микробиолошката чистота на овие производи.
Ревизорите се сомневаат и во редовноста и ефикасноста на инспекциските надзори бидејќи Инспекторатот функционира со половина од потребните инспектори, а за вработување нови со години Министерството за финансии не дава позитивно мислење.
Од вкупно 66 лица, вработени во инспекторатот 43 се инспектори, од кои 58% се на возраст од над 50 години, а 42% на возраст над 60 години.
Ревизорите се сомневаат и во квалитетот на инспекциските постапки. Се наведува пример на вршење инспекциски надзор во постапки по барање на странка за увоз на предмети каде што е утврдено дека фактурите и здравствените сертификати се на повеќе странски јазици, што создава ризик инспекторите целосно да не ја разберат нивната содржина и да одобрат увоз на стоки без целосно потврдена веродостојност и здравствена безбедност.
Во делот на вршење инспекциски надзор во областите на санитарно-хигиенска и епидемиолошка заштита ревизорите утврдиле поткрепувачка документација.
„Иако е предвидено субјектот предмет на инспекциски надзор согласно барањата во листите да изврши самопроверка и да ги пополни истите, а веродостојноста на наведените податоци да ја потврди со соодветни документи, во повеќе од 90% од предметите листите немаат печат, не се архивски заверени и потпишани и не се поткрепени со документација од страна на субјектот предмет на инспекциски надзор“, се вели во Извештајот.
Во однос на финансиското работење утврдено е дека инспекторатот не спровел целосен попис, а е утврдена и неточна пресметка и исплата на додатокот за работа со висок ризик.