15 ДЕНА ИМ БИЛЕ МАЛКУ ЗА ТОЧНО 12 ЗБОРА Уставните промени не се најдоа на владина седница, службите не ги подготвиле
Кај опозицијата нема ништо ново. Денеска и заменик координаторката на пратеничката група Дафина Стојановска вели дека не прифаќаат уставни измени под уцена.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека 15 дена не им биле доволни на службите во Владата да ги подготват уставните измени составени од точно 12 збора. Тој тврди дека тоа е причината поради која иако беше најавено, предлог иницијативата за промена на Уставот денеска не се најде на закажаната владина седница.
Ковачевски деновиве изјави дека очекува работните групи да се усогласат околу поддршката на уставните измени но такви сигнали не доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, дури обвинуваат дека се можни притисоци врз пратеници за измените на Уставот. Ковачевски отфрла било каква можност за притисоци и рече дека очекува сите услови кои биле договорени на лидерската средба да се почитуваат.
– Изрази желба да биде дел од Владата каде што од моја страна беше понудено да биде братски половина – половина министерски места бараше ДУИ да не биде дел од Владата и на прес-конференција прифати со соопштение, па дури и Алијанса кажа дека нема да биде и Беса нема да биде, тоа значи дека му се ослободуваат на ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе министерски места и заедно да ја донесеме одлуката да го довршиме процесот на уставни измени, процесот на скрининг да отвориме барем две поглавја, односно да затвориме две поглавја бидејќи мислам дека сме подготвени за такво нешто од првиот кластер Фундаменталс и потоа да може да се оди на избори – рече премиерот.
Кај опозицијата нема ништо ново. Денеска и заменик координаторката на пратеничката група Дафина Стојановска вели дека не прифаќаат уставни измени под уцена.
– Ние повикавме на широко национално обединување не мислејќи тука само на етничките Македонци во оваа држава. Кога велиме широко национално обединување велиме обединување околу спас на државните интереси за Македонија. Ние само не сакаме да дозволиме антимакедонци од типот на Димитар Ковачевски го спроведат она што го ветиле а го ветиле без да имаат согласност, прво од македонскиот народ а после и од ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија без која, како што гледате, не можат да се случат такви ветени и уценети уставни измени – рече Стојановска.
Предлогот на иницијативата за уставните измени се уште се наоѓа во Влада, а се очекува во најскоро време да помина на владина седница по што треба да бидат доставени во Собранието со што треба да почне процедурата за измени на Уставот.
Инаку денеска Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија за ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка на Северна Македонија и Србија 2021-2027 година, усвоена од ЕК на 03.06.2022 година и го прифати усогласениот текст на Спогодбата.
Определен е заменикот на претседателот на Владата за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, во името на Владата на Република Северна Македонија да ја потпише Спогодбата за финансирање помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија.
Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Србија се спроведува во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3), кошто ја поддржува прекуграничната соработка во поглед на унапредување на добрососедските односи, негување на интеграцијата кон Унијата и унапредување на социо-економскиот развој.
Владата, со донесената одлука за постојната кризна состојба заради поплави на дел од територијата на Република Северна Македонија, односно на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка се вклучува во поддршката на општините во справувањето со последиците од поплавите.
Целта е, јавните државни претпријатија, пред сѐ Јавното препријатие за државни патишта на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да се вклучат со помош на општините во мерките и активностите за санација на последиците од поплавите.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец јуни 2023 година, пришто се задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки, најдоцна до 26.06.2023 година.
Се препорачува на деловните банки да обезбедат, пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 27.06.2023 година.
Владата на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за изменување на Одлуката за основање на Национална установа „Оркестар за џез музика на Република Северна Македонија” – Скопје.
Одлучено е, на предлог на Министерството за култура, Националната установа „Оркестар за џез музика на Република Северна Македонија” – Скопје, да биде лоцирана на бул. „Гоце Делчев„ бр. 4 – Скопје, на простор со површина од 475 м2, во сопственост на Република Северна Македонија, а дадено на трајно користење на Министерството за култура.