15 ЧАСА БЕЗ ВОДА ЌЕ БИДАТ ДЕЛОВИ ОД СКОПЈЕ Утре почнува голема интервенција на Водовод
Целта на активностите е изведба на нов главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, што ќе придонесе за значително подобрување на водниот притисок и намалување на загубите на вода.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје утре (сабота) рано наутро започнува со голема интервенција во рамки на Оперативниот план за подобрување на водоснабдувањето во главниот град. Како што информираат од претпријатието, акцијата ќе започне точно на полноќ, а ќе трае до попладневните часови.
Целта на активностите е изведба на нов главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, што ќе придонесе за значително подобрување на водниот притисок и намалување на загубите на вода.
„Сите екипи од секторите ЕОК, Механизација и Водовод ќе бидат на терен уште во раните утрински часови. Планирано е работите да траат помалку од 15 часа, при што најмногу време ќе се одвои за празнење и полнење на магистралниот цевковод“, стои во соопштението.
Поради оваа интервенција, ќе има делумен прекин на водоснабдувањето во следните скопски населби: Визбегово, Чаир, Топанско Поле, Автокоманда (висока зона), Железара и Бутел 1.
Со реализација на проектот, ќе се овозможи поврзување на двата магистрални цевководи и ќе се формира циркуларен прстен, со што се очекува значително унапредување на хидрауличките услови во градската водоводна мрежа.
„По детална проверка на вентили, испусти и хидранти, осум наши тимови ќе ја изведат интервенцијата со цел сигурно празнење и полнење на системот со вода“, додаваат од ЈП Водовод.