145 лица во самоизолација во Кочани, се бара да се затворат и кафематите

677

Сто четириесет и пет лица од Кочани се подложени на самоизолација како мерка за спречување на внесување и ширење на коронавирусот. Според Органот за внатрешни работи – Кочани, триесетина се од населените места, а останатите се од градот. Веројатноста нивниот број континуирано да расте е реална. Службите констатирале дека дел од нив не ја почитуваат мерката, за што ќе бидат преземени соодветни мерки.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев повика да се почитува мерката на Владата со која се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и површини.






Илијев упатува повик до сопствениците на кафематите времено да ги затворат овие апарати поставени на локации низ градот. На тој начин ќе се избегне можноста за собирање луѓе во поголема група. Овој повик се однесува и на маалските продавници кои едновремено се користат и како места за консумирање пијалаци и собиралишта на луѓе.

Намалување на можностите за ширење на коронавирусот ќе се постигне и со несобирање на најфреквентните локации во Кочани, пракса од која дел од жителите на Кочани никако не се одрекуваат. Пред сѐ, станува збор за плоштадот и за Градскиот парк, а забележани се активности од поголем обем и на неколку рекреативни терени во градот.

Комуналните служби вршат редовна дезинфекција на јавните површини, а Мобилниот сервис за домашна посета и службите за социјална заштита од Општина Кочани постапуваат советодавно кон граѓаните што бараат помош и ги опслужуваат болните, старите и изнемоштените лица за набавка за храна и лекови.

Уште три лица од Кочани заработија кривични пријави за непочитување на законските одредби за домашна изолација, а уште за деветмина се доработуваат доказните материјали, по што и за нив ќе следи истата постапка.

– Полициските службеници кои биле во контрола на домовите не ги нашле лицата кои дошле од државите со висок и средно висок ризик, поради што имале обврска да останат во домашна самоизолација. За сите нив е побарана документација од граничните премини на кои поминале и по соодветната доработка на предмети ќе се постапи соодветно на законските одредби од Кривичниот законик – информираа од Кризниот штаб на Општина Кочани.

Претходно од кочанската полициска станица беа поднесени кривични пријави за две лица за непочитување на мерката самоизолација и тие се соочуваат со парична казна од 2.000 евра во денарска противвредност.

Поврзани содржини