14 СЛУЧАИ ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Бран на семејно насилство, уапсени 8 лица
Осум лица се лишени од слобода поради семејно насилство, додека полицијата регистрирала 14 случаи во едно деноноќие. Дел од инцидентите вклучуваат закани, физички напади и алкохолизирани сторители низ повеќе градови.
Осум лица се лишени од слобода во изминатото деноноќие поради семејно насилство, додека полицијата евидентирала вкупно 14 случаи низ повеќе градови. Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, дел од осомничените биле под дејство на алкохол, а пријавени се закани, физички напади и агресивно однесување.
Најсериозните случаи се регистрирани во Тетово, Гостивар, Прилеп, Скопје и Кавадарци.
Во Тетово бил уапсен 47-годишник кој подолг период вршел насилство врз своите родители. Кај него биле измерени 2,14 промили алкохол, додека според пријавата секојдневно кршел предмети и им се заканувал по живот.
Во гостиварско село бил приведен 27-годишник кој дошол со возило пред домот на родителите на поранешната партнерка и ѝ упатил сериозни закани. Во Кавадарци, пак, 36-годишник бил уапсен откако физички ја нападнал и ѝ се заканувал на поранешната сопруга.+
Во повеќе случаи се пријавени напади меѓу членови на семејството, брат врз брат, татко врз син, како и сопружници во бракоразводна постапка. Во Тетово, 26-годишник физички ја нападнал својата сестра, додека кај него била пронајдена и марихуана.
Пријави за семејно насилство има и во Прилеп, Велес, Радовиш, Виница и Скопје. Во Шуто Оризари и Центар се регистрирани напади врз партнерки и сопруги, додека на автопатот Градско–Велес е приведен маж кој физички ја нападнал својата партнерка во возило.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни пријави.
Во дел од настаните веќе е известен јавен обвинител и центрите за социјална работа.