14. РОДЕНДЕН НА ПЛУСИНФО Успешната приказна продолжува

Демократијата, човековите права, либералната економија, мултиетничкиот карактер на земјата, евроатлантската ориентација и целосната посветеност на македонските стратешки национални интереси остануваат основи на уредувачката политика на нашиот медиум.

133

Секоја година Денот на борбата против фашизмот и Денот на Европа, 9 мај, се совпаѓаат со роденденот на Плусинфо. Стартот на нашиот портал на овој датум пред 14 години, се разбира, не беше случајност, туку одлука инспирирана од стратешката ориентација на уредувачката политика на овој медиум.

Модерна и демократска Европа, како и создавањето на модерната македонска држава, почиваат на темелите на антифашизмот. Не е случајно тоа што кавер-фотографијата на Фејсбук страницата на Плусинфо е „Герника“ од Пикасо. Битката против авторитарните тенденции, кои денес се повампируваат и во некои земји на Европската Унија, остануваат основа на уредувачката политика на нашиот портал.






Во овие 14 години, Плусинфо го изгради својот кредибилитет, демонстрирајќи го сопственото разбирање на слободарскиот журнализам. Тоа подразбира бескомпромисно критикување на власта за лошото владеење, одбрана највисоките домашни и меѓународни стандарди во остварувањето на човековите слободи и права, залагање за европските вредности и за евроатлантската ориентација на земјата и почитување на меѓуетничкиот карактер, мултиконфесионалност и на мултикултурализмот, како богатство и предност на оваа земја.

Но, тоа истовремено значи и целосна посветеност на стратешките национални интереси на Македонија, како и одлучно отфрлање на негирањето на самобитноста на македонската нација, на уцените и на притисоците за натамошни жртви и отстапки за идентитетските прашања, кои ни се важни нам, на Македонците, како и на припадниците на сите други нации.

Овие вредности и понатаму остануваат основи на уредувачката политика на Плусинфо. Истовремено, во секојдневната работа се трудиме да ги следиме трендовите на модерниот журнализам, новите облици на новинарско изразување, новите платформи за дисеминација на нашите содржини и новите алатки, пред сè алатките на вештачката интелигенција, кои веќе подолго време ги користиме креативно и одговорно.

Среќни сме што ја имаме поддршката од нашите читатели. Горди сме што и бизнис-заедницата ги препознава професионалноста и кредибилитетот на овој медиум. Успешно соработуваме и со нашите колеги од другите медиуми, ги промовираме заедничките интереси и заеднички го унапредуваме статусот на онлајн-медиумите, како доминантен сегмент на медиумската индустрија. Успешната приказна на Плусинфо продолжува.

Поврзани содржини