137 ПРОЕКТИ ВЕЌЕ ЗАВРШЕНИ, НАД 1.000 ВО ТЕК За првпат во историјата на Македонија истовремено се градат училишта, градинки, спортски објекти и патишта, посочи Ѓорѓиевски
Во првиот јавен повик се финансираат 288 проекти, од кои 137 се веќе завршени, а во вториот се склучени договори за уште 828. За само една година изведени се 55 училишта, 9 градинки, 36 спортски објекти и над 700 проекти за патна инфраструктура, нагласи министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, објасни за работата на Владата и за нејзината поддршка кон општините, со цел да се мотивираат градоначалниците и општинската администрација за креирање проекти согласно потребите на граѓаните на самиот почеток на денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе”.
– Оваа Влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти коишто ги добивме како инпут од самите локални самоуправи, сакавме да ги мотивираме градоначалниците, да ја мотивираме општинската администрација да креира проекти коишто ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и врз основа на тоа да испорачаме средства од централниот буџет за истите да се реализираат – рече Перински.
Завршени се 137 проекти од 288 во првиот јавен повик
Министерот посочи дека во првиот јавен повик има 288 проекти од кои веќе 137 се завршени, а од двата повика се изградени и реконструирани училишта, изградба на патна инфраструктура, како и изградба на градинки, и спортски објекти.
– Во првиот јавен повик имаме 288 проекти којшто се влезени во рамка на финансирање, во вториот јавен повик веќе се склучени договори за 828 проекти коишто се ефектуираат на терен, од првиот јавен повик од оние 288 проекти, 137 се завршени, ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот. Од првиот и од вториот јавен повик се изградија и реконструираа 55 училишта за само една година, имаме преку 702 проекти коишто се насочени кон подобрување или кон изградба на нова патна инфраструктура, имаме градинки, 9 градинки се реконструирани или се изградени, 36 спортски објекти, кога ќе видите дека од 288, 137 проекти се веќе завршени, не може да не очекувате или не може да не бидете мотивиран да продолжите понатаму – дециден е Перински.
„За првпат во историјата на Македонија наеднаш се градат многу училишта, градинки, спортски објекти и патна инфраструктура“
Свое обраќање на панел-дискусијата – 600 милиони евра за развој и локален прогрес имаше претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека има огромна разлика од минатото и сега, каде што општините не добивале поддршка од централната власт за капитални проекти, а сега, со промена на власта се инвестира подеднакво во сите општини, без поделба.
– Како што кажа министерот Перински, 1.200 проекти се проекти кои содржат техничка документација којашто во најголем дел беше изработена години наназад, но поради немање финансии во минатото, општините не можеа да ги реализираат, ова е проект кој наиде на позитивни реакции кај сите граѓани. За првпат во историјата на Република Македонија, 30 години наназад не се делат општините, инвестициите стигаат до секое населено место, за првпат во историјата на Република Македонија наеднаш се градат толку многу училишта, градинки, спортски објекти и патна инфраструктура како никогаш досега – рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС вели дека е значајно што се инвестира во сите општини, проект којшто се случува за првпат во историјата на државата, при што секој градоначалник ги насочува средствата во својата општина според потребите на граѓаните.
– Сметам дека ова е проектот кој недостасуваше околу 30 години во Македонија. Се надевам дека овој проект ќе продолжи и понатаму и дека сериозно ќе ја градиме и ќе ја менуваме државата како што тоа го правиме во моментов сега – вели Ѓорѓиевски.