📽️ 137 ПОВРЕДЕНИ ВО ПОЖАР ВО МЕТРОТО ВО БАРСЕЛОНА Возот остана заглавен, патниците насилно ги отвораа вратите

Воз останал заглавен во тунел по избувнување на пожар, а патниците сами ги отвориле вратите и пеш се евакуирале низ тунелот додека интервенирале спасувачките служби.

0

Најмалку 137 лица се повредени во пожар што избувна во метрото во Барселона, поради што беа евакуирани две метро-станици.

Според Службата за итна медицинска помош (SEM), 131 лице се здобило со полесни повреди, додека шестмина биле згрижени поради посериозни здравствени тегоби, главно како последица на вдишување чад и анксиозност, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“.






Вкупно 39 повредени се пренесени во болници и итни медицински центри, а на терен интервенирале 24 екипи на Итната медицинска помош.

 

Инцидентот се случил непосредно пред 18 часот, кога железничкиот сообраќај меѓу станиците „Глорис“ и „Клот“ бил прекинат поради густиот чад што се проширил низ тунелот.

Возот останал заглавен во тунелот, по што патниците насилно ги отвориле вратите и пеш се евакуирале во двата правци, каде што им била укажана помош од итните служби.

 

На местото интервенирале припадници на каталонската полиција, градската полиција на Барселона и противпожарните служби, кои го локализирале и изгаснале пожарот кратко по 19:30 часот.

Првата дојава до контролниот центар пристигнала во 17:39 часот, откако возот што сообраќал меѓу станиците „Клот“ и „Глорис“ запрел поради пожар на пругата.

 

Генералниот директор на компанијата „Транспортс Метрополитанс де Барселона“ (TMB), Гзавиер Флорес, изјави дека пожарот избувнал откако се урнала облогата во тунелот, што предизвикало запалување на надземниот електричен вод.

Ова е втор сериозен инцидент во метрото во Барселона за помалку од една недела. Минатата среда, експлозија предизвикана од истекување на гас на градилиште кај станицата „Пласа де Сантс“ повреди осум лица, од кои две беа тешко повредени.

 

Поврзани содржини