Забраната за движење во периодот од 21 до 5 часот на целата територија на земјава во изминатото деноноќие, односно на 23 и 24 март, не ја почитувале 133 лица, најмногу во Скопје – 44, при што приведени се 26 лица, против 33 лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, за тројца – прекршочни пријави, додека пак 71 лице се опоменати.
Покрај ова, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, во соработка со Државниот пазарен инспекторат извршени се 152 контроли во угостителски и други објекти при што само во еден случај (угостителски објект во Охрид) било евидентирано непочитување на мерките на Владата, а објектот е затворен.
– Севкупно во периодот од 26 февруари до денеска, 24 март издадени се 1.105 решенија за изолација, додека пак 8.709 лица потпишале изјави за самоизолација, се вели во соопштението од МВР.