130.000 ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ОД СЕПТЕМВРИ СО ПОВИСОКИ ПЛАТИ Владата и Синдикатот ставија потпис на новиот Општ колективен договор

Се исправи една неправда кон вработените во јавниот сектор, рече претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

1,341

Од септември 130.000 вработени во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите од 10% и исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10.000 денари. Владата и Синдикатот по тригодишни преговори ставија потпис на новиот Општ колективен договор. Повисоките плати и регресот тежат речиси 49 милиони евра кои ќе се обезбедат со ребаланс на Буџет

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска после 15 години потпишаа нов Општ колективен договор за одржлив раст на платите во јавниот сектор.






Согласно Општиот колективен договор, од септември 130.000 вработени во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите од 10%, исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10.000 денари. Во општиот колективен договор стои одредба за исплатата на К – 15 од 2024 година да биде најмалку 30% од висината на просечната плата. Договорено е новата методологија за пресметка на платите за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година.

Тренчевска изрази задоволство што сите заедно, синдикатите, работодавачите и Владата односно членовите на Економско-социјален совет, донеле системско и одржливо решение за пораст на платите за вработните во јавниот сектор.

– Низ дисусија со социјалните партнери ја донесовме методологијата за усогласување на пензии, одлуката за минималната плата и нејзин постојан раст, а денес ја официјализиравме одлуката за пораст на платите за вработените во јавниот сектор, и не само тоа, туку и методологија што обезбедува постојан раст на платите. Општиот колективен договор уредува и други прашања кои се во насока на унапредување и заштита на работничките права, вреднување на трудот на работникот, изјави министерката Тренчевска.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов рече дека со Општиот колективен договор завршува процес на преговори кој траел три години, а 15 години по потишувањето на последниот колективен договор за јавниот секор.

– Се исправи една неправда кон вработените во јавниот сектор. Договорот значи дека на 1 септември вработените добиваат 10% повисока плата, и регрес за годишен одмор од 10.000 денари до крајот на годинава, а следната година регресот ќе биде 30% од просечната плата, истакна Трендафилов.

Посочи дека вработение во здравството, образованието, армијата, полицијата и други сектори, прв пат ќе добијат регрес за годишен одмор.  Општиот колективен договор предвидува и други поволности – елиминира политички влијанија при одредување на платите, право на јубилејна награда за 10, 20, 30, 40 години стаж, дополнителни денови платен одмор.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) објавија дека нема да го потпишат Општиот колективен договор за јавен сектор предложен од Владата. Претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција информира дека во текот на разговорите со министрите не се согласиле со став 2 од член 14 од предлог општиот колективен договор  за кој рече дека е „камен на сопнување“.

Според Ралповски, предложениот општ колективен договор е штетен за работниците затоа што им одзема многу права и дека со него од наредната година ќе биде тргната минималната плата од законите.

Од Самостоен синдикат за образование, наука и култура – СОНК, пак, реагираа дека потпишаниот Општ колективен договор е без конкретни одговори на поставените и отворени прашања. Финалниот текст на договорт е привилегија само за ССМ и владините претставници, велат од СОНК.

Поврзани содржини