13 КРИТИЧНИ ПАЦИЕНТИ СЕ ИСПРАТЕНИ НА ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО Вкупниот број на хоспитализирани е 117
Критични беа 20 пациенти, но се потрудивме дел од тие пациенти, односно 13 пациенти да испратиме на лекување во странство во специјални центри, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Сите пациенти се згрижени и се во стабилна состојба. Во моментов имаме вкупно 117 пациенти кои се повредени во пожарот во Кочани, а во меѓувреме надвор од државата се лекуваат 13 пациенти, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
– Јас јавно им се заблагодарувам на повеќето министри за здравство од регионот и од подалеку кои лично ми се јавија – на Албанија, Турција, Косово, Србија, Бугарија – кои понудија безрезервна помош. Критични беа 20 пациенти, но се потрудивме дел од тие пациенти, односно 13 пациенти да испратиме на лекување во странство во специјални центри. Се надевам дека таму ќе добијат соодветен третман, додека останатите ќе продолжат со лекување во земјава. Исто така, му се заблагодарувам на целиот медицински персонал. Ги прошетав сите болници и видов со каква солидарност работат сите доктори, медицински сестри и болничари. Не очекуваме компликации. Имаме доволно лекови и опрема. За секоја нова информација јавноста ќе биде известена – рече Таравари.
На прашањето дали има семејства кои сè уште си ги бараат децата, Таравари рече дека, за жал, и нем постојано му ѕвони мобилниот телефон и луѓе бараат помош за да си ги пронајдат своите најбиски, но како што потенцираше, тоа е работа на Министерството за внатрешни работи.
– Сите информации ги споделуваме, но има жртви кои не се идентификувани, а тоа е работа на полицијата – рече Таравари.
Тој додаде дека во хируршките клиники моментално се наоѓаат 25 пациенти, во Градска хирургија 24, во болницата „8 Септември“ – 24, во Штип – 31, а во Кочани – 13 пациенти.