Станува збор за Германецот Кристијан Брукнер (43), кој во 2007 година, во времето на исчезнувањето на малата Медлин, живеел на фармата три километри од апартмантската населба во португалското место Праја де Луз во Алгарве. Исчезнал од тој имот една година пред изчезнувањето на Медлин МекКен, но полицијата смета дека се задржал во близина.
Осомничениот во периодот од 1995 до 2007 година престојувал во подрачјето на Алгарве, живеејќи во камп-приколка. Тригодишната Меделин Мекен исчезна во Алгарве пред 13 години, додека беше на одмор таму со нејзините родители, Гери и Кејт Мекен.
Полицијата смета дека има јасни индикации дека учествувал во киднапирањето.
„Во моментов тој е клучен осомничен во нашата истрага. Затоа упатуваме повик за каква било информација, за да ги потврдиме или демантираме нашите сомнежи“, изјави помошник-началникот на лондонската полиција Стјуарт Канди за The Guardian.
Брукнер издржува затворска казна поради друго кривично дело, соопштила британската полиција.
Извори од Португалија велат дека германските власти го истражуваат Брукнер кој е во затвор во Германија поради силување на постара жена. Тој зад себе има низа сексуални напади на жени и деца, пренесува „Дејли мејл“.
Тој наводно на свој пријател во една прилика му признал дека ја киднапирал Медлин, кога на телевизија виделе прилог од нејзиното исчезнување. Тогаш му покажал на пријателот и снимка како силува 72-годишна жена од САД, пренесуваат британските медиуми.
Германската полиција верува дека девојчето е мртво и случајот го третира како убиство. Меѓутоа, британската полиција и натаму води истрага како да се работи за киднапирање.
Британските медиуми објавиле негова фотографија, но заматена. Исто така објавиле и еден од фотороботите направени на основа на изјави на сведоци.
– На 10-годишнината од исчезнувањето полицијата добила дојава за Германец за кого се знае дека престојувал во Праја де Луз, а по заедничката истрага на британската, португалската и германската полиција, тој човек бил означен како осомничен за киднапирањето – изјавил вчера главниот инспектор Марк Кранвел.
Тој во Португалија тргувал со дрога и провалувал во куќи. Силувал американска туристка неколку дена пред да биде киднапирана Медлин од куќата каде спиела со семејството.
Полицијата соопштила и дека дошла до информација за два автомобили кои се доведуваат во врска со осомничениот Германец во време кога исчезнала Медлин.
До граѓаните бил упатен апел да се јават доколку имаат какви било информации за двете возила и за броевите на мобилните телефони за кои постои сомнение дека се користени денот кога исчезнало девојчето.
Освен тоа, распишана е и награда од 25.000 долари за информации кои би довеле до поднесување на обвинение.