ССМ СЕ КИТИ СО ТУЃИ ПЕРЈА? Штрајкот бил ненајавен, Тренчевска вели институциите ќе функционираат
Синдикалните организации на ниво на работодавач при КСС се оние кои потпишуваат спогодби за покачување на платите, а ССМ очигледно се неспособни за ова, па ги манипулираат вработените дека ова се нивни заслуги, додаваат од Конфедерацијата.
Сојузот на синдикати на Македонија се кити со туѓи перја со денешниот штрајк пред Собранието, сметаат од КСС, Конфедерацијата на слободни синдикати. Според КСС, невистинити се изјавите на ССМ дека штрајкот дава резултати, односно дека Град Скопје и ЈСП ги покачиле платите поради штрајкот, велат тие во соопштение.
– Синдикалните организации на ниво на работодавач при КСС се оние кои потпишуваат спогодби за покачување на платите, а ССМ очигледно се неспособни за ова, па ги манипулираат вработените дека ова се нивни заслуги, додаваат од Конфедерацијата.
Утринава 120 празни столчиња беа поставени пред Собранието на Македоија, со што ССМ ги потсетува пратениците да ги изгласаат нивниот амандман за зголемување на платите за 2.806 денари со новиот ребаланс на Буџетот. Друго барање е враќање на правото за регрес за годишен одмор од 2023 година. Столчињата ќе бидат поставени пред Собранието до 14 часот, информираат од ССМ.
Додека ССМ и КСС се во расправија, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска информира дека денешниот штрајк на ССМ не бил најавен. Таа сепак, ги уверува граѓаните дека институциите ќе ги даваат своите услуги и за време на штрајкот. Според неа, администрацијата за тоа е платена, а граѓаните мора да ја добијат услугата.
Тренчевска дополни дека институциите за социјална и детска заштита функционираат нормално, а онаму кадешто ќе имаат работници кои штрајкуваат ќе биде обезбедено непречно функционирање на институциите. Таа не е за ад хок решенија кои, како што укажа, не носат добри резултати ниту трајни солуции, што и го посочила на вчерашниот состанок со ССМ.
Министерката нагласи дека решавањето на проблемот со платите е приоритет.
Протест ќе има и утре кога ќе биде поставено 21 столче пред Владата, како потсетник и притисок за пратениците кои не го изгласаа амандманот, тоа утре да го направат. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, рече дека со Владата се договориле од 1 јули да биде потпишан колективниот договор за јавниот сектор, но како што вели тој, нема никаков одговор од надлежните и поради тоа синдикатите се чувствуваат излажани и изманипулирани.